Колку и да сакаат од Microsoft корисниците да го користат нивниот OneDrive сервис, сепак реалноста е дека постојат и други сервиси на пазарот. Корисниците ги користат тие сервиси за чување на нивните документи, па со новата политика на достапност на повеќе платформи, Microsoft решија да склучат договор за соработка со можеби најпопуларниот сервис Dropbox.
Соработката им овозможува на корисниците на Dropbox, кои што веќе ги чуваат нивните документи како Word, Excel и PowerPoint во облакот од оваа компанија, да можат да ги менуваат директно во Office апликациите од Microsoft. Оваа можност на почеток ќе биде достапна за корисниците на Office и Dropbox апликациите на iOS и Android, по што од идната година поддршката ќе биде проширена и на веб пристапот. Поврзаноста на двата сервиси се состои од неколку функции.
Првата е можноста на корисниците на Office апликациите, покрај најавувањето и пристап до документите на OneDrive, да се најават на нивната Dropbox сметка. Со тоа тие добиваат можност директно да ги менуваат документите преку мобилните апликации исто како што тоа досега беше можно за OneDrive. Документите ќе може да бидат менувани, зачувувани на Dropbox, како и споделувани директно преку функцијата за споделување на Dropbox.
Исто така, Dropbox апликацијата на овие две платформи ќе биде надградена со можноста корисниците нивните документи да ги изменуваат во Office апликациите. Доколку корисникот нема инсталирано Office апликација, ќе им биде понудена можноста истата да биде инсталирана.
Сепак треба да се напомене дека моментално можноста за целосното користење на Office апликациите, односно можноста за менување на фајловите, имаат корисниците на некоја од Office 365 претплатите, па истото останува и за новата интеграција помеѓу сервисите.
Интеграцијата помеѓу двата сервиси ќе важи и за корисниците на Dropbox for Business која што ќе бара корисниците да имаат и активна Office 365 претплата.