Како што на повеќе им е познато, Велика Британија минатата недела одржа референдум на којшто граѓаните требаше да одлучат дали се за или против останување на земјата во Европската Унија. 52% од гласачите се изјаснија за излегување од Европската Унија, со што дефинитивно се промени и така веќе разнишаниот углед на унијата.

Ние нема да навлегуваме во политички оценки на што сето ова значи, дали Британија дефинитивно ќе излезе од Унијата и слични прашања, односно ќе се позанимаваме со еден показател којшто покажува дека можеби и самите Британци не се баш сигурни за сето тоа.

Така, според статистиките кои ги објави Google за најчестите пребарување во Британија во периодот околу референдумот, испаѓа дека граѓаните и не биле баш навремено информирани за тоа што би значела одлуката која ќе ја донесат при гласањето.

Во периодот по завршувањето на гласањето, од Google преку Twitter истакнуваат дека е забележан раст од 250% на пребарувањето „што ќе се случи ако ја напуштиме ЕУ“, како и „дали сме во или надвор од ЕУ“?

Google исто така објави и топ листа на најмногу поставуваните прашања во овој период и истите се следните:

  1. Што е „Брегзит“?
  2. Што ќе се случи ако ја напуштиме ЕУ?
  3. Кога ќе бидат објавени резултатите од ЕУ референдумот?
  4. Што е ЕУ референдумот?
  5. Кој може да гласа во ЕУ референдумот?

Сигурно не можеме да кажеме дека Британците генерално не се доволно запознаени со последиците од кој и да беше исходот на референдумот, но пребарувањата покажуваат дека дефинитивно не бил мал процентот за којшто тоа важи како заклучок.

Извор: ArsTechnica