YouTube оваа недела претстави нова програма која е наменета за заедницата да помогне во градењето на подобро корисничко искуство на овој познат сервис.
Поточно, програмата наречена YouTube Heroes, им овозможува на корисниците кои ќе се приклучат да пријавуваат несоодветни коментари на видеата, да помогнат во изработката на преводите на видеата, како и да одговараат на прашање на форумот за помош на сервисот.
Се разбира, корисниците нема да добијат целосно право да прават што сакаат, односно модерацијата на коментарите и другите работи кои што се дел од Heroes, сепак ќе бидат на крај извршувани од вработените на YouTube.
Корисниците преку оваа програма само ќе помогнат за побрзо откривање и пријавување на работите што треба да придонесе до подобра работа и на вработените.
Heroes програмата ќе им нуди на корисниците и награди кои треба да ги мотивираат што повеќе да ја работат работата за која се имаат пријавено. Наградите ќе вклучуваат пристап до ексклузивни работилници и видео разговори, како и можност за тестирање на нови YouTube производи пред тие да станат достапни за јавноста.
Можноста за заедницата да придонесе на овој начин веќе има, па оваа нова програма е само еден нов начин кој треба дополнително да ги мотивира корисниците. Тука се и наградите кои досега не беа достапни.
За работа како YouTube Hero корисниците ќе имаат посебна страна од која што ќе може да ги извршуваат сите задачи, како и да ги следат наградите.
Извор: Google, TechCrunch, The Verge