Фото: Asus

ASUS преку својот бренд Republic of Gamers (ROG) официјално ја најави новата линија на гејмерски лаптопи ROG Strix G16 и Strix G18 за 2026 година. Овие уреди се дизајнирани да понудат максимални перформанси и се наменети за корисници кои имаат потреба од голема процесирачка моќ за натпреварувачки е-спорт наслови, AAA игри, како и за интензивна работа при креирање дигитални содржини.

Хардверската основа на новите Strix G16 и G18 модели ја сочинува најновиот процесор Intel Core Ultra 9 290HX Plus, кој е надополнет со графичка картичка до Nvidia GeForce RTX 5080 наменета за преносни компјутери. Оваа конфигурација овозможува високи перформанси при матична резолуција, при што бројот на прикажани слики во секунда е дополнително зголемен преку поддршката за DLSS 4 и Multi-Frame Generation технологиите. 

За да се одржи стабилноста на системот при долготрајно оптоварување, ASUS имплементира напредно термичко решение кое вклучува Tri-Fan технологија со три вентилатори, систем за ладење со парна комора и редизајнирани отвори за вентилација низ целото куќиште. Стабилното напојување на овие компоненти се врши преку адаптери со моќност од 380 W.

Во делот на екраните, двата модела користат врвни ROG Nebula панели. Поголемиот ROG Strix G18 доаѓа со 2.5K ROG Nebula HDR екран со стапка на освежување од 240Hz, кој користи Mini LED технологија. Овој панел поседува над 2000 зони на локално затемнување и достигнува максимална HDR осветленост од 1600 нита. 

Од друга страна, помалиот модел, ROG Strix G16, е опремен со брз 2.5K IPS панел кој нуди стапка на освежување од 300Hz. Двата екрани интегрираат ACR технологија чија цел е да ја намали рефлексијата на светлината и да ја одржи прецизноста на боите при различни агли на гледање.

Покрај главните компоненти за процесирање, лаптопите нудат модерни стандарди за поврзување и брзо складирање податоци. Системите ја поддржуваат најновата Wi-Fi 7 технологија за безжично мрежно поврзување, опремени се со две Thunderbolt 5 приклучоци и вклучуваат 2 TB PCIe 4.0 простор за складирање.

Куќиштето за оваа генерација е редизајнирано со силен фокус на функционалноста, нудејќи пристап до дел од внатрешните компоненти без потреба од користење алати, што им овозможува на корисниците едноставно и брзо да ги надградат работната меморија и SSD дискот во иднина, како и прилагодување на сијаличките и слично.