Фото: Microsoft

На овогодинешната Конференција за развивачи на игри (GDC 2026), Microsoft официјално ги претстави следните чекори за интеграцијата на конзолното искуство во Windows 11. Функцијата која на корисниците претходно им беше позната како Xbox Full Screen Experience (FSE) за време на нејзиното тестирање во Dev и Beta каналите од Windows Insider програмата, сега под името „Xbox mode“ се подготвува за својата финална верзија наменета за сите корисници.

Почнувајќи од април оваа година, овој интерфејс постепено ќе станува достапен за десктоп компјутерите, лаптопите и малите преносни гејминг уреди. Како што веќе беше јасно од тест верзиите, се работи за посветен кориснички интерфејс кој е преку целиот екран и кој е визуелно и функционално оптимизиран за користење со контролер. Ова им овозможува на корисниците непречена навигација низ библиотеката со игри и користење на сите опции на Xbox без потреба од тастатура и глувче, претворајќи го секој компјутер во виртуелна играчка конзола. 

Притоа, оперативниот систем ја задржува својата флексибилност, па враќањето на стандардниот Windows десктоп се одвива брзо и без пречки.

Преминувањето на оваа функција од тест фаза во стабилно издание е јасен показател за визијата на Microsoft за иднината на „гејмингот“ и на самиот Xbox бренд како платформа. Со спојувањето на компјутерскиот и конзолниот екосистем преку Xbox mode, границите меѓу овие две платформи речиси целосно исчезнуваат. 

Овој потег ги зацврстува најавите дека следната генерација на Xbox хардвер во својата основа ќе користи приспособена верзија на Windows, каде што ваквиот конзолен интерфејс ќе биде стандардно вклучен. 

За развивачите на видеоигри, ова значи поедноставен процес на работа, бидејќи креирањето на еден наслов ќе може директно да се примени и за компјутерите и за конзолите. Традиционалната конзола, во својата суштина, станува однапред оптимизиран компјутер за дневната соба.

За да го поддржи овој споен екосистем, Microsoft на GDC 2026 најави и низа технички подобрувања за креаторите на игри. Новите алатки вклучуваат Advanced Shader Delivery (ASD) за побрзо вчитување на игрите и елиминирање на проблемите со перформансите при првото стартување, како и поддршка за Zstandard компресија во DirectStorage технологијата. Дополнително, воведени се нови можности за машинско учење интегрирани директно во графичкиот систем, што треба да обезбеди подобри перформанси кај идните наслови.

Во однос на достапноста во Македонија, Microsoft планира функцијата првично да ја пушти само за одредени пазари во текот на април. Бидејќи нашата држава историски не е дел од официјално поддржаните региони за целосните Xbox услуги, македонските корисници најверојатно нема веднаш да ја добијат оваа надградба по автоматизам.