Фото: Microsoft

Компанијата Microsoft официјално ја потврди работата на следната генерација на својата играчка конзола, која во моментов се развива под кодното име Project Helix. 

Информацијата беше споделена преку краток видео материјал на официјалниот профил на Xbox на социјалната мрежа X. Новата извршна директорка на Xbox, Аша Шарма, ги откри основните насоки за идниот хардвер на компанијата.

Според првичните детали, Project Helix претставува хибридна конзола чија главна цел е целосна интеграција на „гејминг“ екосистемите на Xbox и PC. Новиот уред е дизајниран на начин кој ќе овозможи играње на компјутерски игри на самиот хардвер. Овој пристап ќе им овозможи на корисниците да пристапуваат и да ги играат насловите од своите постоечки библиотеки од двете платформи на еден уред, со што се елиминираат техничките бариери кои досега ги разделуваа конзолниот и компјутерскиот гејминг пазар.

Покрај воведувањето на поддршка за PC игри, новиот хардвер ќе понуди и поддршка за игрите од претходните генерации на Xbox конзолите. За разлика од некои конкурентни уреди на пазарот кои користат софтверска емулација за стартување на компјутерски наслови, архитектурата на Project Helix се фокусира на директна поддршка. 

Поради оваа информација изгледа дојде и сѐ уште неофицијалната промена на политиката од страна на Sony, кои планираат да престанат да ги пуштаат своите игри на компјутерите, па одредени наслови ќе останат ексклузивни за PlayStation. 

Со овој чекор, Microsoft стратешки планира да ја унифицира својата корисничка база и да понуди една централизирана платформа за сите свои дигитални сервиси.