Компанијата BlackBerry го тужи Facebook под обвинение дека им украле технологија која тие претходно ја имаат патентирано. Конкретно се работи за софтверски решенија кои се користат во апликациите WhatsApp, Messenger и Instagram.
BlackBerry тврди дека апликациите во сопственост на Facebook се изградени врз основа на технологија која тие ја имаат измислено. Технологијата се однесува на делот на безбедноста и известувањата за самите пораки. Од друга страна, Facebook не признава и ги отфрла ваквите наводи. Од таму велат дека се подготвени пред суд да ја докажуваат својата невиност.
Facebook е компанија позната по „позајмување“ на туѓу идеи. Некои дури ќе ги обвинат за отворено копирање на идеите како што е случајот со Snapchat. Ваквите спорови се тешки за докажување пред суд, меѓутоа се покажуваат како одличен бизнис модел за BlackBerry. Така барем било во минатото, ако се земе в предвид заработката од 800 милиони долари која компанијата ја оствари во спорот со Nokia. Само година претходно, за слично обвинение пред суд заврши и компанијата Avaya. Спорот доби разврска во корист на тужителите.
Окружниот суд во Калифорнија ќе треба да одлучува дали навистина се работи за бесправна употреба на патент. Или едноставно BlackBerry го злоупотребува сопствеништвото врз стотици патенти за да остварува заработка преку судски спорови.