Фото: Shutterstock.com

Наместо слепо да го следи трендот на вештачката интелигенција, Dell реши да направи чекор назад и да ја ревидира својата „AI-first“ стратегија. Оваа одлука доаѓа по јасното признание од страна на компанијата дека купувачите и покрај огромниот маркетиншки притисок од сите страни, сè уште не се подготвени да купуваат нови уреди само заради вградените ВИ функции. Реалноста на теренот покажа дека ентузијазмот на производителите не секогаш се поклопува со приоритетите на крајните корисници.

Главниот предизвик со кој се соочи Dell е недостатокот на конкретна примена која би го оправдала постоењето на новата категорија компјутери. Иако хардверот стана помоќен со вградувањето на специфични чипови за вештачка интелигенција, корисниците сè уште не гледаат реална предност во секојдневното работење која би ги натерала да ги заменат своите сегашни уреди.

Наместо тоа, купувачите сè уште повеќе ги вреднуваат класичните карактеристики како што се издржливоста на батеријата, квалитетот на екранот, графиката и процесорот, можноста за „гејминг“ и слично.

Овој пресврт во стратегијата на Dell е јасен сигнал дека пазарот на технологија почнува да созрева и дека самото додавање на етикетата „AI“ веќе не е доволно за пазарен успех. Компанијата сега планира да се врати на балансиран пристап, каде што вештачката интелигенција ќе биде само една од корисните алатки, а не примарна продажна точка. 

Ваквиот потег веројатно ќе влијае и на останатите големи играчи во индустријата, кои ќе мора да понудат многу поопипливи иновации доколку сакаат да ја оправдаат повисоката цена на својот хардвер во иднина.

Ова можеше да се види и од настапот на Dell на CES 2026, каде што од компанијата главно внимание дадоа на „гејмингот“, како и на одличната одлука да се врати XPS брендот со неколку одлични нови модели.