Европската комисија деновиве ја отвори следната страница во својата веќе обемна книга со обвинувања против мрежата Х, користејќи го Законот за дигитални услуги (DSA) како примарен инструмент. Главниот фокус на оваа истрага е насочен кон Grok, чет-ботот со вештачка интелигенција кој неодамна доби нови функционалности за генерирање и уредување на слики. Според европските регулатори, постои сериозен сомнеж дека платформата не ги проценила доволно ризиците од злоупотреба на овие алатки, особено во контекст на креирање експлицитни и манипулирани содржини кои можат да им наштетат на корисниците.
Паралелно со ова, Комисијата ја проширува и веќе постоечката истрага од декември 2023 година, која сега го опфаќа и новиот систем за препораки базиран на алгоритмите на Grok. Брисел смета дека промената на начинот на кој содржините стигнуваат до корисниците може да претставува системски ризик за ширење на нелегални материјали. Иако X веќе воведе одредени рестрикции, регулаторите во ЕУ сметаат дека тие мерки не се доволни и дека платформата мора да преземе подрастични чекори.
Она што е очигледно за секој кој ги следи технолошките политики е дека ЕУ веќе неколку години води нескриена битка со X, честопати поставувајќи стандарди кои изгледаат нереални за динамиката на модерната вештачка интелигенција. Иако заштитата на корисниците е легитимна цел, континуираниот притисок врз Маск, отвора прашања за тоа дали Брисел навистина се грижи за безбедноста или пак се обидува да воспостави строга политичка контрола врз текот на информациите. Додека други платформи често поминуваат со „поблаги“ предупредувања за слични пропусти, X останува дежурниот виновник за европската бирократија.
Прашањето е каде е линијата помеѓу неопходната безбедност и гушењето на иновациите под изговор на заштита, нешто што X и Европската комисија тешко дека ќе го усогласат во блиска иднина.








































