Facebook оваа недела претстави интересна апликација наречена Moments, која што има за цел да го олесни споделувањето на огромниот број на слики кои што корисниците во денешно време ги сликаат со нивните мобилни уреди.
Основата на оваа апликација е препознавањето на лицата во сликите, па заедно со времето кога се сликани дава предлози за креирање на албум и со кого тој албум да биде споделен. Главниот проблем кој што Moments сака да го реши е добивањето на саканите слики од страна на сите пријатели, слики кои што се сликани на разни уреди.
Moments нема да биде достапна во Европа, односно во земјите кои што се членки на Европската Унија, поради „грижи“ околу приватноста. Поточно, технологијата за препознавање на лицата е нешто што претставува проблем во повеќе земји, а посебно во ЕУ. Компаниите кои што нудат ваква технологија, не можат да ја понудат, барем не целосно во унијата.
Од Facebook се бара да им овозможат на корисниците можност за исклучување на функцијата за препознавање на лица, меѓутоа со оглед на тоа што апликацијата без неа ја губи својата намена, тешко дека тоа ќе биде направено.
Поради тоа, апликацијата ќе биде недостапна во Европа без рок кога проблемот би бил решен. Facebook има проблем со ЕУ и со главната апликација, односно на истата е исклучена функцијата за препознавање на лицата во сликите кои што се објавуваат.
Дали ова значи дека апликацијата нема да биде достапна и во нашата земја нема информации. Сега за сега истата е достапна само во САД, па ќе видиме кога ќе биде пуштена за остатокот од светот.
Извор: TNW, WSJ, The Register