FCC (Federal Communications Commission), односно Федерална Комисија за Комуникации е регулаторно тело во САД кое што меѓу другото е директно поврзано со работата на интернетот. Тие досега го дефинираат broadband интернетот како интернет пристап со брзини од 4 Mbps за симнување и 1 Mbps за качување.
Начинот на кој што е дефиниран брзиот интернет пристап е важно поради правилниците кои што се носат, оценките за брзината на покривање на територијата на САД од страна на провајдерите, како и одредени субвенции кои што се добиваат.
Со зголемувањето на интернет пристапот во цел свет, како и неговата просечна брзина, од FCC решија да ја променат дефиницијата за тоа што се смета за брз, односно широкопојасен интернет. За да понудата на одреден провајдер се смета во оваа категорија, тие треба да им нудат на корисниците интернет пристап со брзини од 25 Mbps, па нагоре за брзина на симнување, како и од 3 Mbps, па нагоре за брзина на качување.
Ова е прилично големо покачување на границата, па очекувано најголемите интернет провајдери во САД приговараат за истото и ќе испратат свои забелешки на одлуката која што беше донесена со 3-2 гласови. Исто така против оваа промена се членовите од комисијата од Републиканската партија.
Реакциите и коментарите се различни. Од една страна, со денешниот развој на технологијата, можеби е малку еден интернет да се смета за широкопојасен доколку тој треба да има само 4 Mbps брзина на симнување. Во едно просечно семејство, бројот на уреди е доволно голем за да таа брзина многу лесно се искористи и да биде малку.
Од друга страна се поставува прашањето за тоа дали државните регулаторни тела треба да се мешаат во работата на провајдерите кои што треба да бидат мотивирани од конкуренцијата да нудат што побрз и квалитетен интернет пристап.
Извор: PCWorld