s50_farm_1366

Titan Aerospace е прилично нова компанија лоцирана во Ново Мексико која што работи на развој на беспилотни летала, односно дронови, кои што го користат сонцето како извор на енергија за летањето. Овие летала кои се сеуште во развој, можат да летаат повеќе години без притоа да имаат потреба од слетување или слични активности.

Пред нешто повеќе од месец дена достапни беа информации кои говореа дека од Facebook се заинтересирани и преговараат за купување на оваа компанија. Интересот за компанијата е во можноста за обезбедување на интернет пристап во делови од светот каде што тоа сеуште претставува проблем.

Сепак, вчера од Titan Aerospace ја известија јавноста дека постигнат е договор со Google, за нивно приклучување кон компанијата. За повеќе детали како цената на договорот од компанијата упатуваат кон Google кои што треба да го преземат делот на давање на повеќе информации. Titan Aerospace ќе остане да функционира како посебна компанија, односно ќе биде задржано седиштето во Ново Мексико, а досегашниот извршен директор ќе продолжи да ја извршуваа таа функција.

Интересот на Google во компанијата, односно во нејзините производи е сличен со тој на Facebook. Можноста на леталата да летаат со години претставува голем потенцијал за ширење на интернет пристапот на што повеќе места во светот. Овие летала треба да станат дел од Google Loon, проект кој што веќе има за цел да обезбеди интернет пристап на оддалечени места. Google Loon до сега развиваше летала кои што се базирани на балони, па купување на Titan значително ќе придонесе за подобрување на проектот. Сепак масовното користење на дронови од приватните компании не е сеуште целосно регулирано, па се очекува да поминат неколку години додека тие навистина почнат помасовно да се користат.

Леталата од Titan Aerospace на Google може да му користат за повеќе намени од таа за обезбедување на интернет пристап. Google Maps, најкористениот сервис од овој тип, исто така може да има корист од новите летала, преку кои што би била ажурирана и подобрена базата на мапи и слики од земјата.

Претходна статијаAmazon Dash – уред за нарачка на намирници преку интернет
Следна статијаСкенирањето на email пораките официјално дел од Условите за користење на Google
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.