
За време на RSA Conference 2018 која се одржа минатата недела во Сан Франциско, Intel претстави нови технологии кои ќе овозможат подобро справување со предизвиците на денешното време, а посебно по откритијата на Spectre и Meltdown.
Технологиите кои ги претстави Intel се наречени Intel Threat Detection Technology и Intel Security Essentials.
Втората во основа претставува рамка која ќе овозможи стандардизација на начинот на којшто работат процесорите од компанијата, а со цел спречување на повторно појавување на пропусти во идните процесори.
Поинтересната технологија е првата, односно Intel TDT. Истата е составена од два дела, Accelerated Memory Scanning и Intel Advanced Platform Telemetry.
Она што го овозможува Accelerated Memory Scanning е користење на графичкиот процесор при скенирање за напади на уредот преку меморијата на истиот. Оваа можност може да ја искористат компаниите кои нудат Анти-вирусни решенија, а Microsoft и Cisco веќе ја најавија својата соработка.
Моментално софтверските решенија нудат заштита од овој вид на напади, меѓутоа тие го користат процесорот. Со користењето на графичкиот процесор, којшто и така најчесто не се користи, се добива значително намалено влијание на перформансите на уредот, но и заштита на батеријата, како што истакнуваат од Intel.
Според тестирањата на компанијата, искористеноста на процесорот за оваа намена се намалува од 20%, на дури 2% зависно од ситуацијата, што не е воопшто мала разлика.
Повеќе информации за овие нови технологии можете да прочитате на официјалното соопштение од Intel на следниот линк.