После „реновирањето“ на кампусите на Apple и Amazon, и Microsoft ќе се приклучи со целосно освежување на нивниот кампус во Редмонд, Сиетл. Обновувањето на кампусот на Microsoft ќе чини неколку милијарди долари и после него, тој ќе биде еден од најнапредните и дефинитивно најубавите кампуси во светот, каде сигурен сум дека на многумина ќе им биде задоволство да работат.
Кампусот ќе се прошири пред сѐ поради зголемување на работните места – Microsoft планира да го зголеми бројот на вработени од 47.000 на 55.000. За ова, тие ќе го зголемат бројот на градби од 125 на 131, но и сите актуелни градби ќе добијат целосна обнова, неколку градби ќе бидат срушени и ќе бидат изградени 18 целосно нови градби. Кампусот на Microsoft инаку се протега на дури 2 квадратни километри, а ќе се реновираат 622.450 квадратни метри, што е една третина од кампусот.
Покрај тоа што Microsoft сака да го прошири кампусот, главна идеја зад реновирањето е да се привлечат нови и квалитетни работни кадри. Имено, една од главните причини зошто младите и квалитетни работници се одлучуваат на некоја компанија е и самиот простор во кој ќе работат, кој мора да изгледа високо технолошки напреден – затоа и секоја компанија конкурент на Microsoft има специјален дизајн за своите кампуси, кој изгледа како да е дојден од иднината.
Реновирањето на кампусот во Редмонд инаку ќе трае 5 до 7 години и во процесот ќе бидат активирани 2.500 работни места за конструкција (градежници и архитекти). На фотографијата е макета од тоа како Microsoft би сакал да изгледа финалниот производ и мора да кажам дека изгледа навистина импресивно.
Извор: Venture Beat, NY Times, Microsoft Blog