По објавата дека Netflix се имаат договорено за купување на една од најпознатите компании, Warner Bros.Discovery, другата компанија која исто така се обидуваше да го направи истото, не се откажува од оваа можност.
Paramount јавно ја објави својата понуда до Warner Bros.Discovery, а од таму веруваат дека акционерите можно е да ги немаат сите потребни информации, односно обвинуваат дека одборот на директори одлучиле да ја прифатат понудата од Netflix иако таа е „инфериорна“.
Конкретно, Paramount нудат 30 долари по акција, а за разлика од Netflix, оваа понуда вклучува исплата на сумата целосно во пари. Вкупната понуда за купување на Warner Bros.Discovery од страна на Paramount изнесува 108,4 милијарди долари.
За споредба, понудата на Netflix изнесува 82,7 милијарди долари, односно 27,75 долари по акција, но во пари би била исплатена сума од 23,25 долари по акција, а останатите 4,5 долари по акција во форма на акции од компанијата.
Од Paramount истакнуваат и дека тие сакаат да ја купат целата компанија, заедно со каналите како CNN, додека Netflix понудата ја дадоа само за филмските студија, канали и стриминг сервисот HBO Max.
Дополнително, договорот со Netflix може да наиде на посериозни проблеми од страна на регулаторните тела, па од Paramount и ова го додаваат како негативен фактор кој треба да го земат во предвид акционерите, кои секако сакаат да бидат исплатени што побрзо.
Купувањето на Warner Bros.Discovery од страна на Netflix реално може да не е баш најдобра работа. Од компанијата изминатите години се познати по форсирањето на содржина со одредена „идеологија“, а тука е и практиката на намалување на значењето на кината, нешто што од Paramount најавуваат дека не планираат да го прават.








































