„Фала ти што не одведе надвор од Русија“, своевремено, тогаш 6-годишниот Сергеј Брин, коосновач на Гугл, му порача на својот татко. Брин е роден во Москва, за подоцна да се пресели во САД и да започне компанија која од темел го револуционизира ИТ пејзажот. Неколку децении подоцна, Брин е сведок на се поголемата стега врз неговата компанија и разните притисоци со кои европските законодавци сакаат да ја казнат неговата успешност. Сега Сергеј Брин ја напушта Русија по втор пат.
Причината за тоа е донесувањето на новиот закон според кој компаниите се обврзани сите податоци за руските граѓани да ги чуваат во Русија. Овој закон стапува на сила во септември 2016 година, а како одговор, Гугл објави дека ќе го повлече својот тим од 50 инженери од руско тло. Кремљ и руското тело за заштита на податоци познато како Roskomnadzor, очигледно го користат законот како начин за вршење поголем притисок и воспоставување поголема контрола како врз руските, но пред се врз странските компании кои оперираат во Русија, како Гугл, Фејсбук, Твитер и други.
Сепак, пошироките планови на руската влада е да преземе поголема контрола врз интернетот, а овој закон е само дел од низата на мерки кои руската влада ги воведува за таа цел.
Претходно, руската влада воведе закон со кој сака да ја уништи интернет анонимноста и да го задуши слободниот говор на дигиталните активисти во Русија. Рускиот претседател Владимир Путин пак, порано годинава изјави дека интернетот е всушност „проект на CIA“. Поради нивната агресивна и рестриктивна политика на интернет регулација, странските бизниси, како и домашните дигитални претприемачи единствениот излез го гледаат надвор од Русија.
Павел Дуров, создавач на социјалната мрежа VKontakte (VK), рускиот пандан на Фејсбук, со над 100 милиони корисници, одбра да пребегне од Русија, поради инфилтрацијата во неговата компанија од страна на руската влада. “Јас сум надвор од Русија и не планирам да се вратам“, изјави Дуров “За жал, земјата е неспојлива со интернет бизнис во моментот.”
Реториката и намерите на руската влада, можат да се воочат од следниов пасус, содржан во документот „Доктрина за информациона безбедност на руската федерација“, изготвен во 2000 година:
„Државните интереси во информационата сфера вклучуваат создавање услови за хармоничен развој на руската информациона инфраструктура … суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија, како и политичката, економската и социјалната стабилност; интересите на државата, исто така, вклучуваат и безусловно одржување на јавниот ред и промовирање на еднаква и взаемно поволна меѓународна соработка.“
Русија можеби го доби посакуваниот одговор и успева да го намали странското влијание врз својот интернет простор, а ги приморува и политичките дигитални активисти и дисиденти да ја бараат својата среќа надвор од Русија, создавајќи тло кое не почитува слобода на изразување и технолошко иновирање.
Пред неколку години, Гугл го повлече својот бизнис од Кина. Почнувајќи од 16 декември, Google News повеќе не работи во Шпанија. Сега ИТ гигантот почнува да се повлекува и од Русија. Сергеј Брин пак, повторно го преживува своето детство и се повлекува од земјата во која интернетот се поима како алатка за контрола, а не платформа каде граѓаните можат слободно да споделуваат идеи и знаење без да се грижат дали некој постојано ги следи нивните онлајн интеракции.