Зимата носи многу снежни убавини, но и бројни предизвици на патиштата. Секој снег, мраз или дожд е тест за нашата одговорност зад воланот – во таа насока РСБСП ја започнува зимската кампања под мотото „Вози безбедно – стигни сигурно“, со порака дека малку повеќе внимание, правилна опрема и внимателно возење можат да спасат човечки живот.
Согласно Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата од 15 ноември до 15 март, задолжително е поседување на пропишана зимска опрема во возилата.
Зимата претставува период со највисок степен на ризик на патиштата. Главните опасности за возачите се:
- лизгави коловози поради снег, мраз или „голомразица“, појава која често е невидлива и особено опасна;
- намалена видливост поради густа магла, врнежи;
- подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења;
- намалена концентрација и замор на возачите.
Затоа, РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот да ги следат препораките кои спасуваат животи:
- следете ги информациите за временските услови на патиштата,
- прилагодете го возењето според условите на патот,
- почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација,
- носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно,
- направете зимска проверка на возилото,
- одржувајте безбедно растојание меѓу возилата,
- избегнувајте нагло сопирање на возилото,
- избегнувајте нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.
Неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото, движење со намалена брзина, која во потполност е прилагодена кон условите на патот.
Одговорноста не се мери само со почитување на законските одредби, таа се мери со ставот дека во секое возило, на секоја крстосница и пешачки премин, стојат човечки животи со свои семејства, планови и иднина.
Со оваа кампања потсетуваме дека безбедноста на патиштата е заедничка обврска – само така може да изградиме култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот.

















