Samsung

Индија е еден од најголемите пазари во светот со нивното население од над милијарда луѓе. Иако оваа земја не може да се спореди со САД и слични според потрошувачката моќ на населението, сепак со годините овој пазар станува се посилен, а се очекува во иднина овој тренд да продолжи.

Оваа земја е еден од најголемите пазари на мобилни телефони, а се очекува да стане уште поголем со евентуалниот раст на стандардот на населението и се почестото купување на поскапи телефони.

Samsung оваа недела ја отвори втората фабрика за мобилни телефони во Индија, а за истата се тврди дека е најголемата во целиот свет. Истата ќе го зголеми капацитетот за производство од оваа земја од моменталните 68 милиони, на 120 милиони уреди во текот на годината, а стигањето до оваа бројка ќе оди етапно во годините што следат.

Во оваа фабрика, која беше отворена од премиерот на земјата, се планира да е произведуваат сите видови на мобилни кои ги има компанијата во својата линија. Тоа значи дека покрај поевтините мобилни, во новата фабрика се планирани и мобилните како Galaxy S9.

Фабриката ќе му овозможи на Samsung да покрај на индискиот пазар, полесно ги снабдува и околните пазари, а со тоа да добие и подобра позиција од конкуренцијата.

Сепак, овој голем капацитет нема да се користи само за производство на мобилни телефони. Планирано е производство и на другите производи кои се дел од компанијата, како на пример фрижидери, телевизори и други електронски производи.

Отворањето на фабриката од страна на Samsung се смета дека е мотивирано од две работи. Едната е големината и потенцијалот на пазарот, како и пониската цена на работната сила. Од друга страна, властите во Индија водат политика на привлекување на странски инвестиции кои изминатите години се бројат во милијарди.