Фото: Shutterstock.com

Apple во текот на вчерашниот ден објави дека вишиот потпретседател за Машинско Учење и ВИ стратегија, Џон Џианандреа, ќе се тргне од својата позиција и ќе биде советник се до неговото пензионирање во пролет 2026. 

Оваа вест веднаш се смета како „изнудена“ поради доцнењето на одредени функции со вештачка интелигенција, односно Apple Intelligence, а посебно напредната верзија од Siri, за која сега се верува дека ќе биде помогната од посебно развиени Gemini јазични модели. 

Фото: Apple

На местото на Џианандреа, односно на слична позиција, доаѓа Амар Субраманја, кој ќе биде потпретседател на ВИ, но наместо директно да одговара на Тим Кук, како Џианандреа, тој ќе одговара на Крег Федериги. 

Субраманја ќе биде задолжен за „критични делови“ како што истакнуваат од Apple, вклучувајќи ги Apple Foundation Models, односно јазичните модели кои се развиваат во компанијата, истражување и развој на машинско учење, како и безбедност и оценка на вештачка интелигенција. 

Инаку, Амар Субраманја доаѓа од позицијата потпретседател на ВИ во Microsoft, додека претходно 16 години ги има поминато во Google како главен на инженерите за Gemini асистентот. 

„Благодарни сме за улогата што Џон ја одигра во градењето и унапредувањето на нашата работа со вештачката интелигенција, помагајќи ѝ на Apple да продолжи да иновира и да го збогатува животот на нашите корисници“, рече Тим Кук, извршен директор на Apple. „Вештачката интелигенција долго време беше централна во стратегијата на Apple и со задоволство го поздравуваме Амар во лидерскиот тим на Крег и ја носиме неговата извонредна експертиза за вештачка интелигенција во Apple. Покрај зголемувањето на неговиот лидерски тим и одговорностите за вештачката интелигенција со приклучувањето на Амар, Крег беше инструментален во водењето на нашите напори за вештачка интелигенција, вклучително и надгледувањето на нашата работа за да им донесеме поперсонализирана Siri на корисниците следната година.“

Дел од екипата која беше под Џианандреа ќе биде префрлена кај Саби Кан и Еди Кју, со што доаѓа до поделба на организацијата во компанијата, повторно, а со цел за спојување на екипите кои работат на слични работи.