Марк Гурман веќе неколку пати ја објавува можноста Apple да не ги користи сопствените големи јазични модели за новата верзија од Siri, а за истото да ги користи тие од Google.
Во неговиот најнов неделен билтен тој ја потврдува оваа информација и според него работата е веќе завршена, односно одлуката е донесена. Apple му плаќа на Google за изработка на посебна верзија од Gemini големите јазични модели која ќе функционира од приватните сервери на Apple.
Треба да е јасно дека ова не значи дека Siri ќе биде во основа како Gemini асистентот на Android, туку само дека ќе се користат јазичните модели од Google.
Функционирањето на Siri и понатаму ќе биде развивано од страна на Apple, а основата на јазичните модели само треба да донесе подобра работа на овој асистент.
Зошто од компанијата сѐ уште не успеваат доволно да ги развијат нивните јазични модели, не е познато, а и не е познато дали во иднина Siri постепено ќе биде префрлен на овие модели.
Според информациите, Apple има разгледувано и можност за соработка со Anthropic, но наводно веќе постојната соработка со Google била одлучувачка.
Инаку, една од клучните работи за задржување на најавениот стил на функционирање на вештачката интелигенција од Apple е Private Cloud Compute, посебно развиените сервери од компанијата кои овозможуваат задржување на приватноста на корисниците.
Од Apple тврдат дека системот е отворен за проверка, па трети страни би можеле да ги потврдат карактеристиките.
Инаку, новата верзија од Siri, која беше најавена минатата година и требаше да биде пуштена изминатата пролет, се очекува идната пролет, односно со iOS 26.4 верзијата некаде во март или април.
















