Спор помеѓу ARM и Qualcomm кој започна пред неколку години, поточно по купувањето на Nuvia од страна на Qualcomm, сега доаѓа на ново ниво кое може да претставува посериозен проблем за компанијата.
Доколку најавите и тужбата од страна на ARM се остварат и бидат успешни, Qualcomm може да има проблем со продажбата на нивните најнови и најмоќни чипови.
Овие чипови се веќе популарниот Snapdragon X, кој конечно донесе конкуренција на MacBook на пазарот, како и минатата недела претставениот најнов чип за мобилните, Snapdragon 8 Elite.
Проблемот со овие чипови е што функционираат на Oryon процесорските јадра развиени со технологија од компанијата Nuvia. Оваа компанија е основана од поранешни вработени во Apple, а според ARM лиценците за користење на архитектурата дизајнирана од страна на нив, не може да се префрли кај новиот сопственик Qualcomm.
Кратко кажано, ARM сметаат дека со купувањето на Nuvia, Qualcomm нема право да ги користи процесорите дизајнирана од оваа компанија со технологија лиценцирана од ARM, па јасно станува колку голем проблем може ова да претставува за компанијата.
Според Qualcomm ова што го прави ARM е класичен однос на оваа компанија кои сакаат да извадат поголеми суми за лиценцирањето на својата архитектура.
Од компанијата поставија рок од 60 дена за престанок на дозволата за користење на лиценците, а во декември е закажано и судското рочиште. Доколку во дадениот рок не биде најдено решение за проблемот, од ARM најавуваат повлекување на лиценците.