Познатиот магазин Bloomberg излезе со статија во која што тврдат дека Елон Маск во 2013 година почнал преговори со Лери Пејџ од Google за продажба на неговата компанија. Tesla компанијата која што денес е дефиниција за револуција во електричната автомобилска индустрија, до пред 2 години не се знаело дали ќе го направи својот успех.
Според информациите, првите модели од Tesla не биле доволно барани, па компанијата била на граница на банкрот. Делови биле нарачувани од поевтини добавувачи за да се постигнат роковите, а одредени функции на автомобилите од денес, се’ уште не биле средени.
Елон Маск во тој период решил да ја понуди компанијата на Google, преку неговиот пријател кој што веќе има инвестирано во другите негови компании. Понудата наводно била Google да ја откупи Tesla за 6 милијарди долари, вредноста на компанијата во тоа време. Маск исто така барал компанијата да продолжи да функционира, а Google да инвестира дополнителни 5 милијарди во развојот на фабриката, а истата да продолжи да функционира барем до пуштањето на третата генерација од автомобилите.
Сепак, Tesla успева да ги продаде потребните автомобили, па Маск се одлучува да го откаже договорот со Google. Денеска Tesla е компанија која што произведува автомобили кои што скоро и нема кој не би сакал барем да ги проба. Тие се со одлична изработка, вклучуваат модерна технологија, а батериите на кои што работат се во постојан развој.
Се поставува прашањето каков би бил развојот на компанијата и генерално на оваа индустрија доколку таа била продадена на Google. Дали Google би го продолжил, па дури и унапредил развојот или би ги искористил технологиите, а би ја затворил фабриката.
Извор: Bloomberg