Uber е една од оние компании кои што целосно го менуваат концептот на функционирање на одреден бизнис, па може да се каже дека со тоа прават еден вид на револуција. Сигурно веќе доста од вас имаат слушнато за овој сервис кој што претставува конкуренција на такси превозот.
Во основа, Uber овозможува спојување на шоферите кои што можат да се пријават за работата и корисниците, преку мобилна апликација. Преку оваа апликација се одвива целиот процес, односно повикувањето на автомобил на конкретна локација, плаќање на превозот, оценување на возачите и слично.
Google е еден од најголемите инвеститори во оваа компанија кои што веќе во неколку наврати инвестираат повеќе стотици милиони долари. Ова се разбира претставува покрај голема помош за Uber, така и давање на значење на сервисот кој што се соочува со големи проблеми од страна на конкуренцијата.
Според информациите од неколку американски медиуми, Google планира да почне сопствен сервис за превоз на луѓето, сервис кој што треба да биде поддржан од нивниот самоуправувачки автомобил. Тие за оваа намена веќе имаат креирано апликација која што се тестира од страна на вработените во компанијата.
Од Google очекуваат дека во наредните 5 години ќе може да се започне со користење на нивните автомобили, па тие би можеле да ги претстават во некој ваков проект.
Од друга страна, информациите покажуваат дека и Uber е можно да размислуваат да развијат сопствен самоуправувачки автомобил. Дали за вакво нешто тие имаат почнато да размислуваат поради плановите на Google иле се работи за нешто друго, ќе се причека до официјалните изјави од компаниите.
Без разлика на конкуренцијата помеѓу овие два досега соработници, интересно е да се замисли такси превоз кој што ќе биде направен од самоуправувачки автомобили. Тоа можеби нема да им звучи добро на тие кои што живеат од овој бизнис како возачи, меѓутоа изгледа иднината оди во тој правец.