Позитивната енергија кај вработените во Microsoft последниве неколку години е и повеќе од очигледна, а сега потврда за тоа има и од UBS. Според нивното истражување, вработените се многу посреќни по доаѓањето на Сатја Надела на челната позиција, отколку што беа со Стив Балмер.
Ова беше и очекувано – ерата на Стив Балмер на крај заврши прилично неславно, а пред се поради матните зделки, како на пример купувањето на Nokia. Надела донесе позитивна енергија и јасна насока во која планира да ја води компанијата, наместо постојаното менување на стратегии со Балмер. Разликата е инаку прилично голема – 51% од работниците биле задоволни од Балмер, додека дури 88% се задоволни од Надела.
Но, тука уште поинтересно е што вработените во Microsoft според истражувањата се позадоволни од оние во Apple, односно компанијата од Редмонд има 10% подобар просек на задоволство на вработените од индустрискиот просек, што е навистина импресивна бројка.
Овие промени во Microsoft се одлична вест за иднината на компанијата. Благодарение на ваквите резултати, се повеќе и повеќе млади таленти се одлучуваат на работа во Microsoft пред конкурентите како Apple и Google, што покрај зголемувањето на конкурентноста, може и значително да го подобри квалитетот на нивните производи, како клауд сервисите, Windows 10 и хардверските уреди како Xbox и Surface компјутерите.