Фото: Shutterstock.com

Неколку дена по ненадејното отпуштање на директорот на OpenAI, Сем Алтман и неговото вработување од страна на Microsoft, работите не остануваат едноставни, па изгледа ќе треба да почекаме дефинитивно да се расчистат деновиве.

Како причина за отпуштањето, кое според информациите навистина се има случено ненадејно и Алтман бил информиран за тоа кратко пред јавната објава, се наведува „дека тој не бил постојано искрен во комуникацијата со одборот, што ја попречува неговата способност да ги извршува своите одговорности. Одборот повеќе нема доверба во неговата способност да продолжи да го води OpenAI.“

Во меѓувреме имало преговори за негово враќање на позицијата, но тие не се успешни, па по назначувањето на привремен директор, одборот го избира поранешниот директор на Twitch Емет Шир да ја преземе оваа функција.

Дека работите во компанијата не се добри е јасно од ненадејното отпуштање, нешто што директно влијае на угледот на компанијата и нејзината вредност, а посебно во време кога се очекува и продажба на дел од акциите.

За почеток околу 500, а подоцна скоро сите вработени од компанијата потпишуваат писмо до одборот со барање за оставка на директорите и „закана“ дека сите потпишани ќе дадат отказ.

По објавата на писмото се веруваше дека истото е до некаде задоцнето, па веќе нема што да се направи, а посебно што Алтман, заедно со ко-основачот Брокман, но и повеќе вработени од компанијата, веќе се префрлија во Microsoft.

Тоа што посебно привлече внимание со префрлувањето во Microsoft е што истото се третира како купување на цела компанија, па Алтман би бил „CEO“, позиции во Microsoft кои обично ги добиваа директорите по купувањето на LinkedIn, на пример или делот во компанијата за „гејминг“. Сепак, кога ќе се земе во предвид значењето кое Microsoft го дава на вештачката интелигенција, овој дел можеби е и најважниот во овој момент.

Сега излегуваат информации дека можно е враќање на Алтман и другите во OpenAI, а одборот на директори да даде оставка и да биде заменет со други. Ова доаѓа по нејасни одговори кои ги дава Сатја Надела, директорот на Microsoft во интервју за Bloomberg TV.

Се верува дека Надела сака соработка со Алтман и неговиот тим, без разлика дали тоа ќе биде преку OpenAI или со нивно префрлување во Microsoft. Засега тој истакнува дека процесот на префрлување тече, но ништо повеќе.

Ќе видиме во деновите што следат, што ќе се случува.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статија10 години во Singular низ призмата на првите вработени во македонската канцеларија
Следна статијаНова IQOS зона во трговскиот центар Palma Mall во Тетово
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.