Познатиот сервис за кратки видеа TikTok од идниот месец ќе добие нов извршен директор кој би требало многу повеќе да го прошири овој сервис кој веќе има милиони корисници. Новиот директор беше одговорен за развојот на стриминг сервисите во Disney, односно под него беа Disney+, Hulu и слични.
Кевин Маер е ангажиран од страна на кинеската компанија ByteDance во чија сопственост е TikTok меѓу другите. Во оваа компанијата Маер ќе работи како главен оперативен директор задолжен за глобалниот развој на компанијата и ќе одговара директно на основачот и извршен директор Јиминг Жанг.
Донесувањето на едно вакво име, со искуството зад него, во ByteDance и TikTok може да значи многу поголемо проширување на сервисите од компанијата во светот. Посебно може да се има влијание на одредените проблеми кои ги има TikTok, нешто што е веќе стандардно за кинески производ изминатите години, поврзани со обвинувања за приватноста на корисниците и слично.
Се верува дека Маер се има одлучено да ја напушти Disney поради тоа што тој не бил назначен за извршен директор на компанијата и по напуштањето на таа позиција од страна на дотогашниот директор во февруари.
„Богатото искуство на Кевин во градењето на успешни глобални бизниси го прави исклучително погоден за нашата мисија на инспирирање на креативноста за корисниците глобално. Како еден од светски најуспешните директори во забавната индустрија, Кевин е одлично погоден да ги пренесе на наредното ниво производите на ByteDance.“ – истакна основачот и директор на ByteDance, Јиминг Жанг.