Оваа недела Apple одржа серија претставувања на нови производи, проширувајќи го своето портфолио во речиси сите категории. Фокусот на компанијата беше поделен помеѓу воведување нови, подостапни уреди за пошироката публика и надградба на професионалната опрема со значително поголема процесирачка моќ.
Најголемиот новитет во понудата е целосно новиот MacBook Neo. Овој лаптоп претставува нов основен модел во Mac екосистемот и доаѓа со почетна цена од 599 долари. За разлика од останатите компјутери на компанијата кои ја користат M-серијата на процесори, MacBook Neo доаѓа со A18 Pro чипот кој претходно беше вграден во iPhone 16 Pro. Уредот има 13-инчен Liquid Retina екран, дизајн без вентилатори, алуминиумско куќиште и е достапен во неколку нови бои. Според Apple, овој модел е наменет за студенти и корисници кои бараат основен уред за секојдневна работа.
Во сегментот на паметни телефони, компанијата го претстави iPhone 17e. Станува збор за наследник на ланскиот буџетен модел, кој сега доаѓа со новиот A19 процесор и двојно поголем основен простор за складирање од 256GB. Телефонот го задржува дизајнот со 6,1-инчен OLED екран, но добива подобрена заштита со Ceramic Shield 2 и поддршка за MagSafe безжично полнење од 15W. Главната камера останува со резолуција од 48 мегапиксели, но со подобрена обработка на сликата преку новиот чип.
Надградба доби и линијата на таблети со новиот iPad Air, кој сега е опремен со M4 процесорот. Овој модел нуди подобрени перформанси за графика и хардверско забрзување на „ray tracing“, со што дополнително се доближува до можностите на Pro моделите. Достапен е во големини од 11 и 13 инчи и нуди целосна поддршка за функциите базирани на вештачка интелигенција преку Apple Intelligence.
MacBook Air исто така доби хардверско освежување. Новиот модел сега доаѓа со M5 процесорот, обезбедувајќи подобрени перформанси и енергетска ефикасност за секојдневните корисници. Со оваа надградба, Apple ги усогласува перформансите на Air линијата со најновата генерација на своите стандардни чипови.
За професионалните корисници, Apple ги претстави новите M5 Pro и M5 Max процесори. Двата чипа донесуваат 18-јадрен процесор, GPU со Neural Accelerators и до 128GB унифицирана меморија за новите MacBook Pro.
Заедно со новите чипови, компанијата ги лансираше и ажурираните MacBook Pro лаптопи базирани на M5 Pro и M5 Max. Овие уреди се наменети за најсложените задачи како видео монтажа, 3D рендерирање и развој на софтвер, а доаѓаат и со значително побрзи SSD дискови за складирање податоци.
Конечно, Apple ја освежи и својата понуда на монитори со претставувањето на освежениот Studio Display и новиот Studio Display XDR. Основниот модел сигурно ги разочара голем дел од корисниците кои очекуваа повеќе новини за истата цена, а сите тие новини Apple ги додаде кај новиот Studio Display XDR кој чини дупло повеќе, иако помалку од Pro Display XDR и можно е продавниците да не го ни донесат во нашата земја.










































