Intel и AMD претставија свои ВИ чипови, односно чипови специјално развиени со акцент на способноста за работа со вештачката интелигенција. Тоа значи дека овие нови чипови се наменети за новите Copilot+ компјутери кои Microsoft ги најави минатиот месец.
Intel ги претстави Lunar Lake кои треба да донесат доста добри перформанси кога е во прашање вештачката интелигенција, а тука се и AMD со нивните нови Ryzen AI чипови.
Сепак, тоа што одамна веќе се чека од Microsoft е да донесе конкуренција на MacBook кои функционираат на ARM чипови, па првите Copilot+ компјутери кои беа најавени функционираат на Snapdragon X серијата од Qualcomm.
Изгледа дека од компанијата ќе дадат мала предност на компјутерите со Snapdragon X, па функциите кои се дел од Copilot+ нема веднаш да им бидат достапни на корисниците кои ќе купат компјутер со чип од Intel или AMD.
Од Microsoft ова официјално го немаат истакнато, но информациите говорат дека новите функции ќе им бидат достапни на компјутерите со Intel и AMD чипови преку бесплатна надградба, но кога истата ќе стане достапна, а тоа не е кажано кога.
Според информациите, тоа се очекува да се случи до крајот на годината, а можно е и на почетокот од идната. Јасно станува дека Qualcomm ќе добие предност од околу шест месеци.
Тоа што не интересира да го видиме е дали новите чипови од Intel и AMD ќе можат да се носат со штедливоста на ARM чиповите, односно со чиповите каков што е Snapdragon X.
За одговор на ваквите прашања ќе мора да почекаме уште краток период, па кога ќе почнат да излегуваат и првите компјутери, ќе ги видиме и посериозните тестирања.