Кај гејмерите, односно едни од ретките корисници на десктоп компјутерите денес, не се важни само перформансите. Затоа, они ги „украсуваат“ своите компјутери со најразлични LED диоди и светлечки кулери, со цел самиот компјутер да оддава впечаток на моќна машина. Cyber Power го носи ова украсување на ново ниво, со гејмерско куќиште, кое изгледа како ниту едно што сме виделе досега.
Куќиштето е поделено во три дела, поврзани во средината, што го прави да изгледа нa знакот за радијација, кој е често застапен во најдобрите игри. Плус на тоа, потсетува и на голем кулер, за кој, можете да погодите, гејмерите секогаш имаат место во својот компјутер. И покрај тоа што веројатно не е по сите вкусови, ваквиот дизајн дефинитивно ќе привлекува погледи, како и уште повеќе прашања.
Но, дизајнот е и во функција на перформансите. Имено, едниот дел ја содржи матичната со процесорот и рамот, во другиот дел е графичката картичка, додека во третиот дел се дисковите за складирање податоци. На овој начин, топлината од процесорот нема да пречи на графичката и дисковите или пак топлината од графичката нема да пречи на другите компоненти, што треба да овозможи подобри можности за overclock, без паѓање на перформансите.
Ќе бидат понудени многу различни системи, со AMD и Intel процесори. Почетниот систем ќе има A10 процесор на AMD со Nvidia GTX 750 Ti графичка картичка, 8 GB рам меморија, 128 GB SSD диск и 1 TB HDD диск, за цена од 955 долари, што e неколку стотини долари повеќе отколку да се направи ваков компјутер со истите компоненти, во обично куќиште.
Секако, за оние кои сакаат максимум перформанси и фрејмови по секунда, достапен ќе биде и модел со Core i7 процесор и GTX 970 графичка картичка. А бидејќи се работи за десктоп куќиште, корисникот во секое време може и да ги смени компонентите, на пример да ја вгради најсилната графичка во светот моментално, Nvidia Titan X.
Извор: Engadget