Dash е апликација за Android која што работи во комбинација со OBD Bluetooth уред кој што се поврзува со автомобил и овозможува добивање на одредени информации, нивно следење, помош, како и споделување со други корисници.
OBD (On-board diagnostics) е систем кој што се користи во автомобилите и им овозможува на сервисерите да дојдат до информации поврзани со состојбата на автомобилот и дијагностицирање на потенцијални проблеми. OBD Bluetooth уредот се поврзува на овој систем и податоците го испраќа на соодветна апликација, во овој случај Dash. Ваков тип на апликации кои што работат со OBD уреди постојат веќе одреден период, меѓутоа Dash се истакнува со својот дизајн, функционалност и можноста за споделување на одредени информации. Апликацијата е компатибилна со било кој од достапните OBD уреди, а достапни се за купување и преку веб страна на Dash.
Dash апликацијата нуди информации од типот на следење на поединечни патувања, потрошувачката на бензин, лоцирање на бензински станици, известување при несреќа, објаснување за сијаличките кои што предупредуваат за одреден проблем со автомобилот, но и лоцирање на најблизок автомеханичар и опишување на можните трошоци за поправка на проблемот.