Вчера известивме за објавувањето на Dell Venue 8 7000, премиум таблетот од Dell кој го најавува агресивниот настап на овој производител на пазарот за потрошувачка и бизнис електроника. Сега пред нас ја имаме новата верзија на Dell XPS 13, подобрена и поубава во многу погледи од својот оригинал. Дизајнот е подобар и се базира на брусен алуминиум однадвор и висококвалитетна пластика од јаглеродни влакна одвнатре што го оддава истиот премиум изглед како и кај нивната нова серија на таблети.
Dell XPS 13 ги содржи следните карактеристики:
- 13,3 инчен „Infinity“ екран осетлив на допир кој се простира скоро до самиот крај на рамката и остава простор од само 5,2 милиметри за истата
- опционална резолуција од 3.200 х 1.800 што ќе се согласиме дека е далеку понапред од пазарот и огромен чекор напред во однос на оригиналната резолуција кај претходната верзија од 1.366 х 768
- Core i3 до Core i7 процесори кои се разликуваат од моделот кој ќе го одберете
- 4 или 8 GB RAM меморија
- тежина од околу 1 килограм
- скратена тастатура (без нумеричкиот дел) со целосна големина на копчињата
- надграден и многу прецизен тракпад кој редовно е проблем кај лаптопите кои не се произведени од Apple
- 15 часа на траење на батеријата (!)
- стандардна или SSD внатрешна меморија
Цената на оваа серија ќе се движи од 800 долари за најевтината верзија до 1.900 долари за најскапата.
Ќе се согласиме дека Dell конечно го пронајде начинот да се врати на голема врата на пазарот и тоа го изведува беспрекорно. Знаејќи за нивниот квалитет на изработка, не се сомневаме дека овие конфигурации (како и останатиот нов хардвер што го нудат, како што се таблетите) ќе работат долго време и ќе го издржат забот на времето.
Очигледно дека Apple имаше големо влијание врз производителите на електроника и ги „подучи“ дека покрај функционалноста битен е и дизајнот бидејќи електрониката која ја носиме со нас не е само алатка за извршување на нашите желби туку претставува и статусен симбол и дел од нашиот изглед.
Dell се на одличен пат и веруваме дека ќе ја донесе толку очекуваната конкуренција во луксузниот сегмент на ваквата електроника што ќе предизвика намалување на цените и истата да стане достапна за повеќе корисници.