earin-1

Earin се мали безжични слушалки чии што развивачи, кои што се поранешни инженери од Nokia и Sony Ericson, тврдат дека се најмалите слушалки од овој тип на пазарот. Тие доаѓаат без никакви кабли, односно двете слушалки се поврзуваат преку Bluetooth со вашиот мобилен телефон и функционираат како комплет, односно како и секои други слушалки со кабел. Earin се направени за слушање на музика и ништо повеќе, а тоа е направено да биде навистина едноставно. Немаат посебни апликации за било какво прилагодување, не користат било кои од популарните контроли преку гестови, односно тие се направени за најдобро музичко искуство, а поради големината и немањето на кабли, истите ќе заборавите дека ги имате.

Слушалките се со димензии од 14 mm во дијаметар и 20 mm во должина. Тежат само 5 грама и направени се од пластика со силиконски врв. Батеријата која што е со капацитет од 50 mAh овозможува нивно користење до 3 часа, што мора да се признае дека не е баш најголемата нивна карактеристика, меѓутоа тоа е и очекувано со оглед на нивната големина и моменталната технологија на батериите.

earin-2

Она што е нестандардно и интересно кај овие слушалки е додатниот уред, кој што го нарекуваат капсула, во кој што ги оставате слушалките кога не ги користите, па во него се полнат. Капсулата вклучува батерија со капацитет од 100 mAh, со што имате доволно за две целосни полнења на слушалките. Полнењето на капсулата се прави преку денеска стандардната USB порта, што значи дека можете да ја полните и на било кој компјутер или лаптоп.

Earin моментално собираат средства преку Kickstarter, каде што имаат собрано повеќе од 200.000 евра од потребните околу 224.000. Може да ги нарачате по цена од 120 до 150 евра, зависно од периодот на нарачка.

Извор: Engadget, Kickstarter

Претходна статијаТајната листа на Android патенти на Microsoft објавена од страна на кинеската влада
Следна статијаCue: Ваша домашна лабораторија, како замена за докторските прегледи
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.