Многу од Вас што имаат постари десктоп компјутери, веројатно подолго време сакаат промена или надградба на некој дел, со цел задржување на компјутерот со текот на технологијата – на пример за да можете да гледате Ultra HD видео без сецкање и преку HDMI 2.0 приклучок со 60 Hz освежување на сликата. За таа цел, NVidia, заедно со EVGA ја лансираше новата GeForce GT 710 графичка картичка, која нема да понуди вртоглави перформанси, но затоа има поддршка за сите нови графички стандарди.
EVGA ќе понуди шест верзии на оваа графичка – ќе има опција со 1 GB видео меморија и опција со 2 GB видео меморија (DDR 3 на 1800 MHz), различен дизајн на приклучокот за PCI слотовите, опција со кулер и со пасивно ладење, за оние кои не сакаат премногу бучава од својот компјутер и еден модел кој ќе има два графички процесори на една картичка, кои треба да донесат скоро двојно подобри перформанси.
Според информациите од EVGA, оваа графичка треба да понуди двојно подобри перформанси од Intel HD графиката вградена во новите Skylake процесори, што значи дека нема да можете да ги играте поновите игри, но барем ќе имате графика која ќе поддржува Direct X 12 и Opel GL 4.5. NVidia пак ветува десет пати подобри перформанси од вградената графика, но тоа веројатно се однесува на постарите процесори.
Високи перформанси не ни смее да се очекуваат – GT 710 има 192 CUDA јадра, кои работат на такт од само 954 MHz, за разлика од GTX 750 графичката од средната класа, која има 640 CUDA јадра. Сепак, за 35 долари за моделот со 1 GB меморија, односно 40 долари за моделот со 2 GB меморија и не смее да се бара повеќе од една графичка – ова е веројатно и најдобриот избор за тие пари.
Извор: Tech Spot, Tom’s Hardware, AnandTech