ipad_mini_smartcover_blue_on_white

Smart Cover е додаток кој што голем број од корисниците на iPad уредите го користат како заштита за уредот, но и поради додатните функции кои што ги овозможува. Овој додаток е доволно лесен и тенок, па не додава на тежината и дебелината на iPad уредот, а можеби и најважно од се, може да се користи како потпирач, па лесно може да се постави на некоја површина за гледање на филмови или користење на тастатурата и слично. Smart Cover додатокот исто така доаѓа и со можност за избор од повеќе бои, па секој може да го избере стилот на својот уред.

Од патент поднесен од страна на Apple може да се види дека тие размислуваат да ја подобрат корисноста на додатокот со дополнителни функции. Доколку патентот некогаш биде направен во официјален производ, корисниците ќе можат да добиваат информација за нотификациите додека уредот е покриен, односно затворен. Нотификациите би биле прикажувани на површината од Smart Cover во форма на икони, односно доколку добиете email порака, прикажана ќе биде икона во форма на писмо. Овие икони исто така ќе може да бидат подредувани според важност, па така поважните нотификации би биле прикажувани на горната страна на уредот.

Screenshot 2014-06-17 13.16.11

Патентот прикажува два начини на кој што би можел да работи овој систем, односно активен и пасивен. Активниот систем ќе ги прикажува иконите преку вградени LED светилки директно на Smart Cover и за тоа ќе има потреба од извор на енергија. Енергијата може да биде добиена преку приклучок каде што моментално се магнетите за поставување на iPad, а исто така можно е користење на енергија преку индукција, односно безжично. Пасивниот систем би бил многу поедноставен, па наместо прикажување на нотификациите преку посебни светилки, Smart Cover додатокот би вклучувал транспарентни делови преку кои што би можеле да се гледаат нотификациите од iPad екранот.

Се разбира кога се работи за вест за одреден патент, секогаш останува прашањето дали и кога би бил направен во официјален производ. Ова е само показател во кој правец размислуваат од компанијата, па останува да видиме во иднина дали нешто од големиот број на патенти ќе биде претворен во производ.

Извор: AppleInsider

Претходна статијаPayPal конечно достапен во Македонија
Следна статијаПрототип кацига открива мозочен удар
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.