Многумина од гејмерите сигурно веќе почнаа да ги полнат касичките за нов компјутер кој ќе може да поддржи играње игри во виртуелна реалност и секако самиот VR уред. Сепак, решението кое го нудат производителите сѐ уште не е елегантно – има премногу кабли кои пречат во движењето со уредот. Затоа, MSI, HP и Zotac лансираа компјутери во вид на ранец, кои се лесно преносливи и доволно моќни за новите VR игри.
Идејата е навистина интересна и изненадувачки лесна за изведување, бидејќи големината на куќиштата е слична на оние од стандардните компјутери. Дизајнот е секако малку поразличен, со цел да бидат поудобни за носење на грб, но во глобала се работи за десктоп компјутери кои може да се стават на грбот и кои ги елиминираат сите кабли околу нозете на корисникот, што е особено корисно за HTC Vive уредот, со кој играчот може буквално да се движи во просторот (и да не се сопне од некој од каблите). Секако, ранецот може потоа да го поставите и на Вашата маса и да го користите компјутерот како класична гејмерска десктоп машина.
MSI беше прв кој претстави ваков компјутер на Computex. Се работи за моќна машина со Core i7 процесор од Skylake генерацијата, помогнат од Nvidia GTX 980 графика и батерија која може да трае до 90 минути играње, сѐ тоа во тежина од 5 килограми. Од MSI потврдија дека Backpack PC наскоро ќе добие и надградба на графиката на Nvidia GTX 1080, што значи дека ќе ја има најмоќната графика на светот. Предноста на MSI Backpack PC во однос на лаптоп како преносно решение е на пример е што има моќно ладење, кое ќе овозможи високи перформанси дури и по долго играње, односно вистински десктоп делови.
Компјутерот на HP наречен Omen X VR PC Pack Hardware Development Kit е направен повеќе во стил на лаптоп и за разлика од Backpack PC е целосно затворен и тежи помалку (4,5 килограми), доаѓа со Core i5 или i7 Skylake процесори и максимум 32 GB видео меморија. Производителот сѐ уште нема специфицирано која графичка картичка ќе се вградува, но за очекување е тоа да биде некоја од помоќните на Nvidia или пак новата AMD RX 480. Слабост на HP Omen е што не е подготвен за HTC Vive, туку во моментов може да работи само со Oculus Rift и во почеток ќе биде наменет само за дивелоперите, но предност е што ќе може лесно да му се менуваат батериите, без потреба од рестартирање на уредот, што може значително да го продолжи времето на играње надвор од електричната мрежа, а во однос на компјутерот на MSI.
Zotac, познат по своите мини гејмерски компјутери исто така најави „Компјутер Ранец“ за VR играње, но не го покажа уредот, а не покажа ниту фотографии од него. Сепак, засега знаеме дека се работи за помал компјутер од горните два, кој на некој начин ќе може да се носи на грбот.
Колку овие компјутери ќе станат популарни останува да се види откако производителите ќе ги објават цените, но според тоа дека се работи за сериозни гејмерски машини кои ќе може лесно да се пренесат на друго место, како на пример кај другарите за играње во мрежа, може да се претпостави дека ќе има публика која ќе биде подготвена да плати и поголема сума пари за нив.
Извор: ARS Technica, The Verge, PC World