ThinkPad серијата на Lenovo (претходно на IBM), отсекогаш била синоним за бескомпромисен квалитет и високи перформанси, што е една од причините што се единствените компјутери кои се користат во вселената. Lenovo сега претстави два нови лаптопи, од кои едниот е директен конкурент на Microsoft Surface Book.
За разлика од Surface Book, ThinkPad P40 Yoga има малку различен начин на претворање од лаптоп во таблет, со вртење на екранот за 360 степени, впрочем како и кај сите Yoga уреди. Дизајнот е карактеристичен за ThinkPad сериите – црн и не претерано допадлив, но многу поважно од тоа, ваквиот изглед со себе носи “Military Spec”, односно исклучително силна шасија која е отпорна на удари, прашина, прскање со вода итн.
Сепак, тука најважни се останатите карактеристики. Дисплејот е прилично голем за оваа класа – брои 14 инчи во дијагонала и доаѓа во верзија со резолуција од 2560х1440 или 1920х1080 пиксели. Во внатрешноста се вградува Core i7 чип од најновата Skylake генерација, но веројатно уште поважно, има можност за вградување на моќна NVIDIA Quadro M500M графика. Купувачот може да го конфигурира компјутерот и со максиум 16 GB рам меморија, односно SSD диск со капацитет од 512 GB.
Како и повеќето професионални лаптоп/таблети и ThinkPad P40 Yoga има дигитално пенкалце – во овој случај Wacom со Active ES технологија и 2048 нивоа на притисок, што е двојно повеќе во однос на Surface Book. Од Lenovo велат дека работеле со Wacom за подобрување на целото искуство за пишување и цртање и се уверени дека нивниот систем е најблизок до пишување со пенкало на хартија. Цената на ThinkPad P40 Yoga ќе почнува од 1399 долари, што и не е многу високо со оглед на професионалните карактеристики.
Покрај Yoga моделот, Lenovo претстави уште еден модел на лаптоп – P50s, кој има 15,6 инчен дисплеј со резолуција од 2880х1620 пиксели и исти компоненти како погоре споменатиот ThinkPad, со таа разлика што тука ќе може да се вгради 32 GB рам меморија. Исто така, моделот P50s има можност и за прикачување на надворешна батерија која ќе трае 17 часа, односно нејзино менување без да се исклучи компјутерот, благодарение на Power Bridge. Цената на P50s почнува од 1299 долари.
Покрај двата преносни компјутери, Lenovo претстави и ThinkPad десктоп машина, наречена ThinkStation 310. Се работи за компјутер со исклучително моќни перформанси – Xeon E3-1200v5 процесор, 64 GB рам меморија и можност за SSD и HDD дискови со капацитет од 512 GB, односно 1 TB. Во куќиштето можат да се вградат и две професионални графички карти на NVIDIA – K1200 кај помалиот и M4000 кај поголемиот модел. Цените стартуваат од 729 долари, секако без монитор.
Извор: TechRadar, Engadget, Windows Central