Microsoft вчера го одржа нивниот Surface настан кој сепак може да се каже дека помина со вниманието насочено кон ненадејното напуштање на компанијата, после 20 години, на човекот кој беше лицето на Surface, Панос Панај.

Според неофицијалните информации, причината за оваа одлука на Панај е неможноста за развој на нови Surface уреди и отпуштањата на голем број на луѓе кои биле дел од неговиот тим.

Како и да е, од компанијата претставија четири нови Surface уреди кои се наредна генерација од постојните. Интересно е што Microsoft овие уреди ги има означено со додавката „for Business“, па ова можно е да покажува мала промена на стратегијата и целната група за овие уреди.

Претставени се три компјутери и третата генерација од Surface Hub, екранот компјутер за презентации.

Нова генерација добиваат Surface Laptop Studio, Surface Laptop Go и Surface Go. Како што би се очекувало, овие уреди не добиваат некој редизајн и големи новини, како и останатите на пазарот, па истите се надградени само со нови и подобри компоненти.

Одличниот Surface Laptop Studio, направен пред се за дизајнерите, ја добива својата втора генерација. Surface Laptop Studio 2 доаѓа со двојно зголемување на перформансите, истакнуваат од Microsoft, со 13th Gen Intel Core процесорите кои се направени на основа на Intel Evo платформата.

Како избор овој лаптоп ги има Nvidia RTX 2000, како и RTX 4050 и RTX 4060. Јасно станува дека ова е најсилното и најскапото од понудата на Surface уреди, но тоа и мора да биде така со оглед на целната група на корисници.

Surface Laptop Go 3 се промовира како 88% подобар од првата генерација од лаптопот. Оваа серија е наменета за лесна преносливост и подобра цена, одлична комбинација за работа од повеќе локации.

Surface Go 4 е најслабиот во понудата, но затоа и најлесно пренослив. За овој уред може да се каже дека лаптоп не му е првата намена, па се работи за хибриден уред. Пред се овој уред е замислен да се користи како таблет, но со додавање на тастатура се претвора во лаптоп.

Како главна новина од вчерашниот настан јас сепак би ја издвоил најавата дека од 26 септември на корисниците ќе им стане главната годишна надградба на Windows 11, која ја донесува интеграцијата на генеративната вештачка интелигенција во форма на Microsoft Copilot функцијата.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаВо новата школска и студентска година со нов Samsung Galaxy A
Следна статијаiPhone 15 телефоните имаат можност за ограничување на полнењето на батеријата до 80%
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.