Веројатно сите од Вас знаат дека микро чиповите, било дали оние во процесорот или графичката, произведуваат многу топлина, која потоа се испушта во околината. Тогаш, зошто да не се искористи таа потрошена топлина за загревање?
Q.rad е нов стартап кој ја претстави првата греалка со микро процесори на CES саемот во Лас Вегас. Идејата е многу едноставна – со купувањето, корисникот ќе ја поврзе греалката на интернет и со тоа таа може да се користи како сервер, односно во многу cloud апликации, а за возврат, компанијата ќе му ја плати сметката за струја на корисникот. Во превод, бесплатно загревање!
Секако, корисникот ќе може да ја користи оваа греалка и за свои компјутерски потреби, односно како сервер или моќна машина за 3D рендерирање. Лично ја замислувам како одлично решение за компаниите – секоја канцеларија може да има своја греалка, а сите врзани во мрежа заедно можат да направат еден прилично моќен и способен сервер.
Во поголемите компании ова не е ништо ново – топлата вода која се користи за ладење на огромните сервери потоа се користи за загревање на останатите простории, но решението на Q.rad секако е поелегантно, а може да го користат и домаќинствата. Греалката инаку може да испорача 500 вати топлинска енергија, што веројатно не е доволно за нашите ладни зими, но никој не ве спречува да ставите повеќе греалки во една соба.
Секако, покрај вградените контроли, греалката се управува со паметен телефон, што е и очекувано со толку микропроцесори вградени во неа, а Q.rad има и сензори за температура, влажност на воздухот, CO2 и инфрацрвени зраци, со помош на кои ќе може најефикасно да ја загрее собата до саканата температура и да го одржи високо нивото на квалитетот на воздухот.