Технологијата на паметни домови е во зачеток, но како и други технологии кои имаат побарувачка и можност да се оствари, може да очекуваме дека во следните две децении ќе се развие до високо ниво. На ова работат многу светски компании, меѓу кои и Google.
Компанијата Sengled ретко кој имал можност да ја сретне кај нас. Таа е американска компанија која се занимава со паметни уреди за вашиот дом, поточно, со разни уреди кои се сместуваат во фасонка и заменуваат светилка, а воедно остваруваат некоја друга „паметна“ функција.
Нивната Sengled Pulse е светилка која се сместува во стандардното место за светилки. Тоа што е различно од досадните домашни светилки е што Pulse во себе вклучува LE диоди за осветлување и JBL звучници! На нив можете да пуштате музика од вашиот преносен уред преку употреба на нивната апликација наречена Sengled.
На репертоарот исто така имаат и Sengled Snap – светилка која свети со помош на LE диоди, но во себе вклучува и WiFi мрежен адаптер и камера со софтвер за препознавање на лица. Sengled Boost пак е светилка која во себе има WiFi мрежен адаптер и намената и` е да го подобри сигналот на WiFi низ домот преку примање и препраќање на истиот од рутерот.
Ваквиот друг поглед на стандардната светилка има потенцијал да постигне вистинска револуција во технологиите за домаќинство. Интересното е што нема потреба од кабли и комплицирања околу работата бидејќи овие уреди се стекнуваат со електрична енергија директно од електричната мрежа, а се поврзуваат преку безжична мрежа. Производите на Sengled ќе станат достапни во текот на 2015 година, па ќе ги следиме заинтересирани за да видиме како успех ќе имаат на пазарот (и дали можеби ќе дојдат и кај нас).