Spire е мал сензор со големина на далечински за автомобил, кој што за разлика од другите фитнес сензори врши мониторирање на вашето дишење. Идејата на креаторите на овој уред е да врз основа на вашето дишење откријат дали сте смирени, сконцентрирани или напнати. Според нив, а и според други истражувања, дишењето може значително да влијае на вашиот пулс, крвен притисок, како и на вашето расположение. Доколку сте напнати, обично и вашето дишење станува пократко и поплитко, па доколку можете да се потсетувате сами себе да направите барем неколку длабоки вдишувања и издишувања, значително можете да го подобрите нивото на стрес.
Spire уредот се поставува на каишот од панталоните или на градниот кај женските корисници. Вградените сензори го следат дишењето и информацијата ја испраќаат до мобилната апликација со која што се поврзува преку Bluetooth LE. На самиот уред нема никакви копчиња или екрани, па наменет е само да служи како сензор, а сите информации и потребни прилагодувања се прават преку мобилната апликација. Работи на батерија која што според неговите развивачи може да издржи до една недела, по што се полни на специјално направениот уред во форма на чинија преку индукција, односно безжично. На полначот може да поврзете и други уреди преку USB портата, па заедно со Spire да го полните и вашиот мобилен телефон или таблет компјутер.
Интересно кај овој уред е што тој е наменет не само да го следи вашето дишење, па вие потоа да гледате во често нејасни табели и графикони. Spire е наменет за константно следење и информирање за потребното презимање на одредени активности, па така доколку одредено време дишете плитко и брзо, нотификација на мобилниот ќе ве потсети да направите неколку длабоки дишења, а достапна е и вежба во форма на игра.
Покрај главната функција за следење на дишењето, Spire може да се користи и како фитнес уред, односно може да го следи вашето движење, односно направените чекори. Тој дури може да оцени и дали лежите, седите или стоите, па доколку голем дел од денот го имате поминато во лежечка или седечка позиција, да ве потсети преку апликацијата дека е време да направите некој круг околу зграда.
Spire моментално може да се резервира за нарачка по цена од 150 долари, а достапни се и попусти до официјалниот старт на продажбата.
Извор: Spire, TechCrunch