Ах тој Matrix. Прекрасен филм и далеку пред своето време. Излезе во 1999 г. и засекогаш ни ја смени перцепцијата за светот и нашето постоење. Во основа Matrix ја истражува декартовата солипсистичка димензија (види подоле) во комбинација со технолошкиот развиток.
Имено, ако дури денес имаме компјутери и софтвер кои можат да прикажуваат скоро фотореалистични виртуелни светови (земете ја Crysis на пример), за неколку декади ваквите светови ќе бидат практично непрепознатливи од „вистинскиот“ свет.
Тоа, пак, води до прашањето дали воопшто нашиот ни „вистински свет“ е навистина – вистински?! Ако ние можеме да симулираме супер „реалистичен“ виртуелен свет, тогаш можеби и нашиот е исто така – симулација?
Со истото се согласува Елон Маск кој смета дека не само што тоа е можно, туку и поверојатно отколку ли да овој свет е првиот „материјален“ од кого би почнувале другите виртуелни. Ваквата хипотеза се вика „Хипотеза на симулација“.
Според него, шансите некоја цивилизација која технолошки се развива, да развие симулација со текот на времето (ако во меѓувреме не исчезне поради некаков катастрофален настан) се практично осигурани. Штом е така, има повеќе шанси да некој веќе ја развил симулацијата и нè набљудува во компјутерски систем, можеби слично како што ние ги гледаме процесите во Task Manager и Resource Monitor.
Со Маск се согласува и еден врвен научник на денешницата, Ник Бостром, кој во својот труд „Дали живееш во компјутерска симулација“ го дава аргументот дека ако симулацијата на претходни, веќе умрени личности е можно да се изведе од страна на некоја цивилизација, најверојатно поради истото ние веќе сме тие симулирани личности, а умовите кои не се симулирани се споредбено минијатурен процент.
Елон Маск е доста смешен кога одговара на овие прашања и се гледа дека муабетот му е правен илјадници пати. Како што самиот кажа, со брат му забраниле да прават муабет на оваа тема кога се во када поради тоа што сите муабети доаѓале до точката на симулација/синтетичка интелигенција.
Тој воедно сподели доста други мисли на оваа конференција, па ви препорачувам да ги прегледате сите видеа погоре.
Рене Декарт и „cogito ergo sum“
Како што спомнав погоре, хипотезата на симулација всушност блиску е поврзана со познатата декартова изрека „cogito ergo sum“ („мислам, значи постојам“) која води до интересниот заклучок дека само мојот ум може да постои, а сè друго да е негова креација.
Внимавајте, напишав „ум“, а не „мозок“ бидејќи се работи за (само)свесноста која го перцепира и (можеби) создава светот околу мене, а не некаква физикалија.
Ако земеме дека „физикалијата“ на нашиот мозок (неврони, невротрансмитери и т.н.) може доста лесно да се симулира (впрочем, веќе го правиме тоа со неврални мрежи), на крајот самиот мозок како „физички“ објект ќе може да се симулира и да „глуми“ физички објект. Тогаш, умот кој произлегува од овој симулиран физички објект ќе биде дел од симулацијата, но, вистински ум во секој случај без разлика на „материјалот“ кој довел до негово создавање.
Овој аргумент не е уникатен за Маск и Бостром, туку има и други научници кои пак на друг начин дошле до сличен заклучок. На последното видео можете да забележите една интересна дебата водена од Нил Дегрејс Тајсон, во која едниот од научниците вели дека открил софтверски код во основата на материјата. Воедно ќе се занимавате и со приказот на хиперинтелигентни луѓе кои се зафркаат меѓу себе, а тоа едноставно не се пропушта.
Па, со среќа во вашите симулирани животи. Не заборавајте, (изгледа дека) симулацијава ни дава само околу 80-тина години живот, па постигнете сè за што имате потенцијал и баталете ги сите стравови! A ако не сте го гледале Matrix – срам да ви е. Трк до „видеотека“ (почнува на буквите Тор…).
Дополнителни информации: PopSci, The Guardian, Gizmodo