Фото од Kon Karampelas преку Unsplash

Изгледа беше само прашање на време кога ќе дојде и оваа вест. Новоназначениот директор на TikTok, познато име намерно избрано поради искуството и знаењето, кој дојде од директорска позиција во Disney, Кевин Маер, реши по само три месеци да даде отказ од неговата позиција.

Кевин Маер не беше назначен само како директор на TikTok, па ја презема и позицијата главен оперативен директор во компанијата мајка на TikTok, ByteDance.

Причината за ваквата одлука на Маер е во проблемите кои ги има TikTok со американските власти, како дел од веќе долгата и позната економско трговска војна со Кина. Плановите кои би требало да ги реализира за напредок на сервисот веќе е прашање дали би можеле да се остварат, а посебно доколку дојде до продажба на сервисот, барем за САД, на Microsoft или Oracle.

Според информациите, Microsoft може да го објави постигнатиот договор со ByteDance уште оваа недела, а од компанијата како последен рок го најавија 15-ти септември. Ова е единствениот исход кој би спречил забрана на апликацијата во САД, каде има огромен број на корисници и е можеби единствената кинеска апликација која има ваков успех во оваа земја.

Кевин Маер, како што истакнуваат од CNN, има разговарано за одлуката со основачот на ByteDance пред истата да биде донесена, а потоа се информирани вработените преку имејл известување за истото.

Инаку, според американските власти или можеби поточно според претседателот Трамп, TikTok претставува закана за националната безбедност поради огромната количина на податоци која оваа апликација ја има за своите корисници, кои потоа ги споделува наводно со кинеските власти.

Од TikTok го негираат ова тврдење и истакнуваат дека податоците за американските корисници не се чуваат во Кина и дека тие не би одговориле позитивно на барањето од кинеските власти за пристап до нив.

Во наредните недела до две ќе се знае исходот на сите преговори околу TikTok, па ќе видиме каква ќе биде иднината на овој популарен сервис.

ИЗВОРCNN
Претходна статијаНовиот пар за напредните корисници – Samsung Galaxy Note20 и Galaxy Buds Live
Следна статијаРСБСП со апел: „Безбедноста нека ви биде на прво место, почитувајте ги прописите и правилата во сообраќајот- секогаш и секаде“
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.