Фото: ЗИМ - ФИНКИ

Во периодот од 23-ти до 27-ми февруари, во Љубљана, Словенија, успешно се одржа втората по ред Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2026) – меѓународен натпревар посветен на напредни теми од информатиката, алгоритмите и вештачката интелигенција, наменет за талентирани средношколци од целиот свет. ИОВИ претставува нова и брзорастечка олимпијада чија цел е да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областа на современата информатика, со посебен акцент на вештачката интелигенција, машинското учење, анализа на податоци и алгоритамско размислување.

На ова издание на олимпијадата учествуваа вкупно 95 внимателно селектирани ученици од 24 држави од целиот свет како САД, Кина, Русија, Турција, Велика Британија, Нов Зеланд, кои низ повеќедневни натпреварувачки активности се соочија со серија високо предизвикувачки и иновативни задачи. Задачите беа осмислени така што од натпреварувачите се бараше длабинско разбирање на проблемите, способност за моделирање, развој на ефикасни алгоритамски решенија, како и примена на концепти од современата вештачка интелигенција.

Покрај натпреварувачкиот дел, ИОВИ 2026 понуди и богата едукативна и социјална програма, која овозможи размена на идеи, искуства и воспоставување на нови пријателства и идни соработки помеѓу младите информатичари – идни лидери во технолошкиот развој на своите земји.

Фото: ЗИМ – ФИНКИ

Здружението на информатичарите на Македонија за учество на олимпијадата избра четиричлен ученички тим, составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов, Филип Калкашлиев и Тодор Пљаков, предводени од тим лидерите Емил Станков и Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонските ученици остварија одличен резултат, при што беа освоени две бронзени медали, и тоа од Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ и Андреј Ангелов од Македонска Каменица, ученик во Математичко информатичката гимназија во Скопје.

Според претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, кој е член на Интернационалниот комитет на олимпјадата: „Овој успех претставува значајно меѓународно признание за квалитетот на македонските млади информатичари и за континуираната работа и посветеност во развојот на таленти во областа на информатиката. Во Македонија вештачката интелигенција како научна дисциплина се негува на ФИНКИ, а веќе четврта генерација средношколци во специјализираната државна Математичко-информатичка гимназија следи предмет Интелигентни системи. Тоа покажува дека визијата што ја имавме уште од 2012 за специјализирана гимназија за таленти и плановите и програмите кои ги изработивме во 2018. година се навремени чекори, кои сега ни овозможуваат да сме конкурентни на интернационално ниво. Во период кога се изработува новата концепција за гимназиско образование во Македонија апелирам наместо кон намалување да се оди кон зголемување на информатиката и информатичките теми во наставата. Би сакал да искажам благодарност до Министерот за дигитална трансформација и компанијата Некстсенс за поддршката која ни ја пружија за учество на оваа олимпијада, неопходна да може да учествуваме и да го покажеме македонското знаење пред светот.“

Следната, трета по ред, Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2027), ќе се одржи идната година во Виетнам.