Google presents Live from Paris, е настан од компанијата кој ќе се одржи на 8 февруари со почеток во 14:30 часот по македонско време. Ќе може да се следи во живо преку YouTube, а според најавата, главните теми за кои ќе биде овој настан се поврзани со Google Search и Maps.
Повеќе информации за што да очекуваме нема, но секако можеме да претпоставиме. Од Google се што истакнуваат е „Ние одново замислуваме како луѓето пребаруваат, истражуваат и комуницираат со информациите, правејќи го поприродно и поинтуитивно од кога било досега да го најдете она што ви треба. Придружете ни се за да дознаете како отвораме поголем пристап до информации за луѓето насекаде, преку „Search“, „Maps“ и повеќе“.
Тоа што се очекува да биде една од главните теми на овој настан е вештачката интелигенција и нејзината интеграција во Google Search, дали на главната страна или во некоја посебна верзија.
Ова очекување е поради „загриженоста“ на Google, поточно главните директори, за најавите дека Microsoft ќе почне да ги користи алатките од OpenAI, а посебно за користењето на ChatGPT во Bing. Ова е нешто што може значително да ја зголеми конкурентноста на вториот по големина пребарувач Bing, кој иако е втор на пазарот, држи околу 10% од него, додека остатокот е на Google.
Денеска можевме да видиме и неколку слики од имплементацијата на ChatGPT во Bing, која наводно кратко време била вклучена и пуштена кај одредени корисници.
Пребарувањето со помош на вештачката интелигенција целосно ќе го промени начинот на којшто бараме работи на интернет, преку можност за поставување на целосни прашања како што би ги поставиле на човек. Вештачката интелигенција ќе може да постави потпрашања и да ни даде директни одговори, истражени за нас, без потреба од поголемо истражување.
Ова секако може да отвори нови проблеми, односно луѓето да веруваат на добиениот одговор од вештачката интелигенција, наместо самите да истражат и да прочитаат, а ова е проблем според некои. Од друга страна, поголемиот дел од луѓето и сега не знаат да истражуваат, па обично површно го читаат првиот резултат од пребарувањата, па би се прашале која е разликата тука.