Од 25-ти до 29-ти ноември Македонија е домаќин на 16-тата по ред Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2023), која по втор пат во историјата се одржа во облик на онлајн натпревар. На ова еминентно интернационално натпреварување, младите македонски ученици – информатичари постигнаа нов голем успех, освојувајќи еден сребрен, четири бронзени медали и една олимписка пофалба

Сребрениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков од Штип, бронзени медали освоија Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, додека олимписка пофалба му беше доделена на Андрија Младеновиќ од Скопје. Тимот беше раководен од лидерите, д-р Емил Станков и Андреј Шеќеров од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овој резултат на нашите ученици, јуниори, ветува светла иднина на информатиката во Македонија. 

Официјален домаќин на ЈБОИ 2023 беше Македонија, претседавач на олимпијадата проф. д-р Миле Јованов, а главен организатор беше Здружението на информатичарите на Македонија, со поддршка од Здружението „Бистри умови“, фондација „Заеви“ и неколку општествено одговорни компании од нашата земја. 

Јуниорската балканска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи) од претставници на интернационално жири.

Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на хотелот Сириус во Струмица, каде што беше сместен за целото времетраење на олимпијадата, заедно со членовите на организацискиот одбор и интернационалното жири. Целокупната техничка реализација на натпреварот, вклучувајќи го и видео надзорот, беше обезбедена од страна на ФИНКИ.

На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваа тимови составени од натпреварувачи – ученици на возраст до 15,5 години, од следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија и Србија. Исто така, во неофицијална конкуренција, како гости учествуваа и тимови од следниве земји: Хрватска, Киргистан, Саудиска Арабија и Украина. Вкупно, на ЈБОИ 2023 учествуваа 31 натпреварувач во официјална и 33 натпреварувачи во неофицијална конкуренција. Златните медали отидоа во рацетена учесници од Бугарија и Романија, а најдобро пласирана беше бугарската натпреварувачка Симона Христова. 

Следната, 17-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2024) ќе се одржи идната година во Кипар.

Во својата изјава, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, вели: „Со успешната организација на овој настан Здружението на информатичарите на Македонија успешно ги привршува своите овогодишни активности, кои вклучуваа: организација на националниот циклус на натпревари по информатика, успешно учество на 5 интернационални олимпијади со освоени 10 медали и неколку олимписки пофалби, како и организација на масовниот натпревар, предизвик за учениците, Дабар 2023, кој се одржа на средината на ноември со учество на преку 18.000 ученици од 146 основни и 33 средни училишта од Македонија. Нашата работа е доказ дека и со минимални средства, но со максимални залагања, може да се постигнат големи успеси, и да се даде придонес во развојот на информатиката и информатичкиот потенцијал на нашата земја во иднината.“.

Веб страна за јуниорската балканијада: https://jboi2023.cs.org.mk/.

Претходна статијаSamsung Internet стана достапен за корисниците на Windows
Следна статијаИКТ Комора при ССК: Важноста на ВЕРИФИКУВАН МАКЕДОНСКИ ИКТ ПРОИЗВОД