Ровињ, 25 септември 2023 г. – Првиот HR.Weekend, кој беше создаден како одговор на растечката потреба и промените во рамките на HR индустрија, заврши со неколку поучни предавања, одлично дружење и забава и многу новитети во светот на човечките ресурси. Настанот беше наменет за сите професионалци, менаџери за човечки ресурси и работодавачи, како и за сите заинтересирани за развој и имплементација на иновативни стратегии во управувањето со човечките ресурси.
„HR.Weekend настана како резултат на желбата да се создаде фестивал посветен на професијата која сè повеќе се бара – човечките ресурси (HR), каде секој учесник ќе биде задоволен, ќе може да најде нешто за себе и чии теми ќе бидат ориентирани кон модерни и прогресивни решенија за човечките ресурси. Програмата ја создававме долго време, а коментарите за првото издание се повеќе од позитивни. Успеавме во нашите аспирации, а тоа ни дава „ветер во грб“ за следното издание“, изјави по завршувањето на фестивалот Даниел Акерман, коорганизатор на HR.Weekend.

„Од година во година ние растеме, поточно еволуираме. Оваа година, за прв пат го одржавме и HR.Weekend, што е само еден пример за постојаното слушање на потребите на пазарот и прилагодување на програмата на Викенд медиа фестивалот на актуелните теми и трендови – традиција која продолжува и понатаму. HR.Weekend се покажа како одлична платформа за генерирање нови идеи, стекнување пријатели, вмрежување, но и за забава“, изјави Томо Рицов, ко-организатор на HR.Weekend.
Првото издание на HR.Weekend беше одбележано со интересни предавања и панели, кои опфаќаа теми од регрутирање и селекција, преку разговори за оние кои не ги исполнуваат потребите на работодавачите и за кои ретко се зборува, до интересна дебата помеѓу клиничката и организациската психологија на тема: Темната тријада во компаниите.

Воодушеви и невронаучникот и професор д-р Николаос Димитриадис, кој со интересното предавање „It’s not you, it’s your brain“ објасни како невронауката ги гледа промените и како нашиот мозок управува со нив. „Дали можеме да го предвидиме човечкото однесување? За ова ни помагаат т.н самоизвестување, набљудување и биометрика, т.е. неврометријата. Значи, можеме да ги прашаме луѓето нешто, да ги набљудуваме и да ги истражуваме. Но, луѓето сакаат да зборуваат и всушност често го кажуваат она што нивниот мозок „воопшто не го мисли“, бидејќи ние не бираме што правиме ниту ги бираме причините поради кои тоа го правиме“, рече д-р Димитријадис.
Во согласност со една од најактуелните теми на денешницата, Флоријан Полнер и Асмус Ком, партнери на McKinsey, на предавањето „Re-imagining HR – back to human in a world of Generative AI,“ ги споделија новите приоритети и оперативните модели на HR-функциите под влијание на вештачка интелигенција. „Вештачката интелигенција е во секојдневието на HR, но многумина до сега не беа свесни за тоа бидејќи и самите не ја видоа. Генеративната вештачка интелигенција или GenAI, денес е движечка сила за зајакнување на ефикасноста на управувањето со човечките ресурси и има огромно влијание во речиси секој домен од човечките ресурси на глобално ниво“, ја објасни Комм врската помеѓу HR и AI.

Големо внимание привлече и предавањето „Што значи исцрпеност и како таа се разликува од генерација до генерација?,“ на кое проф. Наташа Јокиќ Бегиќ ги поведе учесниците на патување низ разликите во генерациите, во начинот на кој тие се грижат за себе, и покажа што им е важно на претходните генерации, а што им е важно на денешните. „Различни генерации различно ги изразуваат своите емоции на работното место. Додека постарите генерации често се резервирани, младите генерации се поотворени за изразување на своите чувства, како што е и нивното влијание врз продуктивноста на работното место“, рече Јокиќ-Бегиќ.
HR.Weekend донесе и доза наука, па за промените во индустријата за човечки ресурси на панелот „Ch-ch-changes – од селекција до регрутирање“ зборуваа: Луција Величан, консултант за човечки ресурси во ИТ индустријата Talentarium Austrija, Слободан Јовиќ, психолог и извршен директор на Selekcija.hr, Благица Петровац, виш директор за човечки ресурси во Плива и Маша Пребег, директор на секторот за човечки ресурси на Конзум, под модераторската палка на Никола Милосављевиќ, управен партнер на HR Fabrika. „Според мене, регрутер и лице одговорно за селекција не може да бидат една работна позиција. Психологот има одредено знаење, мудрост, ја следи невербалната комуникација, користи тестови и е подобар во проценката на луѓето, а со тоа и во селекцијата. Од друга страна, за позицијата регрутер, подобри се економистите, социолозите или продавачите, кои имаат некое друго знаење, тие се подобри за продажба и убедување, и конечно за привлекување кадар. Постои фундаментална разлика помеѓу двата поими“ – Јовиќ ги објасни фундаменталните разлики меѓу овие две сè попопуларни занимања.
Место повеќе се бараше и за предавањето „Каква организација луѓето нема да напуштат – што вели науката“ на Митја Ружојчиќ и Звонимир Галиќ од катедрата за психологија на Филозофскиот факултет во Загреб.

А за сите оние кои размислуваа за кариера во секторот за човечки ресурси, експертот Мајкл Кастерс, маркетинг директор на SD Worx, даде подлабок увид во индустријата за човечки ресурси со предавањето „It’s great time to be in HR“ и им докажа на учесниците дека HR навистина има потенцијал и светла иднина. „Сè што ќе допре до секторот за човечки ресурси станува флуидно. До вчера сè беше долгорочно, безбедно и предвидливо, а денес сè е динамично, флуидно, мобилно и променливо“, рече Кастерс, објаснувајќи го брзиот развој на оваа индустрија, но и наведувајќи причини зошто треба да се верува дека сега е идеално време за работа и развој во секторот за човечки ресурси. Тој, причините ги објасни преку три клучни прашања: Дали мојота работа во човечки ресурси ќе пропадне, дали вештачката интелигенција ќе ја преземе мојата работа и дали Европа ќе се раздвои? „Едно е сигурно, сега е идеално време за работа и развој во секторот за човечки ресурси, особено ако можете да ги искористите предностите на вештачката интелигенција и технологијата со успешно совладување и маневрирање со регулаторната комплексност во современиот свет“, заклучи тој.
Првиот HR.Weekend го одбележаа бројни актуелни и многу важни теми од денешниот деловен свет, кои ги засегаат и експертите за човечки ресурси и работодавачите, но и целиот стручен кадар во предизвикувачкиот свет на барање работа. Во овие теми беа дадени одговори на бројни прашања за современиот начин на вработување, а при неизбежното вмрежување секако беа разменети совети за тоа како полесно да се пристапи кон денешните трендови во тој процес.
Повеќе детали за синоќешната забава, како и за целата програма на Weekend, можете да најдете тука, а сите новости можете да ги следите преку официјалните профили на фестивалот на Facebook, Instagram и Linkedin.