Apple пред десетина дена испрати покани до медиумите за настан којшто треба да се одржи на 4 март, односно идната среда. Овој настан е најавено дека ќе се одржува во исто време во Њујорк, Лондон и Шангај, а според информациите кои ги објави Марк Гурман, изгледа Apple повторно ќе направи претставување во неколку денови.
Објава од Тим Кук на X, ги потврдува овие информации, односно може да се очекува дека Apple ќе претставува по една група на производи од понеделник до среда, а настанот во трите града е замислен за новинарите кои ќе можат да ги видат новите уреди.
Што се однесува до уредите кои би требало да бидат претставени, односно кои ги очекуваме, се првиот MacBook кој ќе работи со чип од iPhone, нови верзии од MacBook Pro и MacBook Air, како и iPhone 17e.
Изгледа може да се очекуваат и освежени верзии од основниот iPad, како и од iPad Air, а не сум сигурен дали идната недела треба да ги очекуваме и новите верзии од Mac Studio, Mac mini, iMac, како и конечното освежување на мониторите од Apple.
Како и да е, ќе видиме што точно ќе биде претставено за само неколку дена, а едно е сигурно, оваа година Apple ќе претстави доста нови производи, дел од кои ќе биде целосно нови.









































