Во рамки на серијата Christmas Talks, на Факултетот Хајделберг во Скопје, се одржа панел-дискусијата посветена на практичната примена на вештачката интелигенција во процесите во човечките ресурси и нејзиното влијание врз регрутацијата, процесот на воведување на нови вработени, развојот на вработените и планирањето на работната сила.
Дискусијата беше насочена кон тоа каде вештачката интелигенција носи реална додадена вредност, а каде човечкиот фактор мора да остане клучен. Беше истакнато дека вештачката интелигенција веќе се користи за олеснување на административните процеси, подготовка и унапредување на огласи за работа, како и анализа на податоци, при што значително се скратува времето потребно за нивна реализација.
Смиљка Шошкоска Ѓорѓиева, директор на групно управување со човечки капитал во Нетцетера, посочи дека најголемиот потенцијал на вештачката интелигенција се наоѓа во процесот на воведување и адаптација на нови вработени, особено во компании со комплексни процедури и голем обем на интерни информации, каде технологијата може значително да го олесни првиот период на интеграција.
Од аспект на регрутацијата и анализата на пазарот на труд, Александар Кочовски, главен оперативен директор во Kosova Job, истакна дека и покрај напредокот на технологијата, конечната одлука мора да остане кај човекот. Според него, вештачката интелигенција е значајна поддршка во филтрирање на кандидати и анализа на податоци, но автентичноста и верификацијата на информациите остануваат клучни.
Во дискусијата беше нагласено и дека примената на вештачката интелигенција, особено во регулирани сектори, се одвива внимателно, но и покрај тоа, таа веќе придонесува за поефикасни процеси и поголем фокус на стратешките улоги на секторите за човечки ресурси.
Како заеднички заклучок беше посочено дека вештачката интелигенција не ја заменува улогата на човечките ресурси, туку ја унапредува, овозможувајќи подобра организација, анализа и поддршка, со човекот како носител на конечната одлука.









































