ijchtclpgiqi3yuypnba

Некои од нас веројатно си замислувале што би можеле да направат ако некогаш се најдат во ситуација да излезат во вселената без заштитно одело. Веројатно повеќето си замислувале дека ќе можат да задржат воздух и да пробаат да се спасат и да влезат во вселенски брод.

Нажалост, ова не е ситуација која ќе биде најпријатна, а ниту со најголеми шанси за преживување. Имено, според анализата на IFL Science, ако некогаш се најдете во ваква незавидна ситуација, поради тоа што нема надворешен притисок многу течности во телото екстремно ќе им се намали точката на испарување, па ќе почнат да создаваат меурчиња кои ќе ви го подујат телото до двапати од природната големина. За среќа (?) нема да експлодирате бидејќи кожата ви е доволно растеглива за да го издржи ова, но секако нема да изгледате ниту пак да се чувствувате баш најдобро. Баш напротив, ќе бидете во огромни болки и циркулацијата на крв ќе биде сопрена.

Држењето на здивот е прилично џабе бидејќи по 15 секунди ќе се потроши целото значајно ниво на кислород и ќе изгубите свест. Таа количина која сте успеале да ја задржите во белите дробови поради ширењето веројатно ќе ви ги дупне истите. Така несвесни и подуени ќе бидете изложени на страшно ултравиолетово, рентгенско и гама зрачење кои ќе ви предизвикваат огромни промени на ДНК и најверојатно ќе резултираат со рак по неколку дена. Повторно, за среќа (?!) нема да смрзнете веднаш поради вакуумот – тој нема да дозволи брз трансфер на топлината од телото надвор.

Значи, ќе – се подуете, изгубите циркулација, ви се дупнат белите дробови, изгубите свест и, добиете рак. „Добрата“ работа е што ќе имате околу минута до две за да ве спаси некој. Сепак, треба да се помисли и на другата страна на работите – ако некој се најде без заштитно одело во вселената веројатно го заслужил тоа што ќе му следува. Ние секако нема да ви препорачаме да го доживеете ова искуство.

Извор: IFLScience

Претходна статијаМозокот на корисниците се „гаси“ кога гледаат повторени известувања
Следна статијаTwitter ја подобри retweet функцијата со можност за коментирање