Месецот на жената не е само симболично одбележување, туку и потсетник дека родовата еднаквост сè уште бара подобрувања, особено во областите на технологијата во нашата земја. Иако STEM секторот е еден од најбрзо растечките и најперспективните, учеството на жените во него останува значително пониско во споредба со мажите, како на глобално ниво, така и во Македонија.
Овој јаз не е само прашање на еднаква застапеност на мажите и жените на технолошкиот работен пазар, туку и на изгубен потенцијал – за поединците, за компаниите, па и за општеството во целина. Во индустрија каде што иновацијата и различните перспективи се клучни, недоволната вклученост на жените претставува сериозен предизвик за одржлив и инклузивен развој.
По повод Месецот на жената, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) во соработка со Avenga Academy ја имплементираат иницијативата „STEM нема пол. Има иднина.“, која се спроведува во текот на март 2026 година.
Во рамки на оваа иницијатива ќе бидат доделени 6 целосни стипендии за ИТ и бизнис академии, со вкупна вредност од над 10.000 €, со цел да се поттикне поголема вклученост на жените во технолошките професии и да се придонесе кон намалување на родовиот јаз во STEM во земјата. Кандидатките можат да аплицираат за една од 6те академии:
- Digital Marketing,
- Sales & Business Development,
- Product & Project Management,
- Front-End Development & AI,
- Data Analytics
- Automation Testing & AI with Playwright.
Програмите започнуваат во периодот од април до септември 2026 година и траат од 4 до 6 месеци, во зависност од избраната академија. Избраните кандидатки ќе треба да покријат само административен трошок (10%) за избраната академија.
Аплицирањето се реализира преку кратка онлајн форма, при што секоја кандидатка може да избере една академија. По затворањето на повикот, апликациите ќе бидат разгледани од страна на претставници на GEA и Avenga Academy, врз основа на неколку клучни критериуми:
- мотивацијата за развој на кариера во STEM,
- интересот и потенцијалот за избраната област,
- планот за понатамошен професионален развој.
Со оваа иницијатива, GEA и Avenga Academy не само што нудат конкретна образовна можност, туку и се испраќа и поширока порака за важноста на отворање на STEM секторот за повеќе жени. Во време кога дигиталните вештини стануваат неопходност, отворањето на повеќе врати за жените во технологијата не е само инвестиција во поединци, туку и во иднината на целото општество.
Апликациите се отворени до понеделник, 31 март 2026 година, а повеќе информации за иницијативата и начинот на аплицирање се достапни на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/целосни-стипендии-за-жени-за-stem-академи/.










































